Линкови за пристапност

Продолжува претседателската трка во САД - 2004-09-21


Демократскиот претседателски кандидат Џон Кери ги засили критиките на политиката на претседателот Буш во однос на Ирак, истакнувајќи дека администрацијата на Буш донела серија катастрофални одлуки во земјата. Во говорот на Универзитетот во Њујорк, г-динот Кери го обвини претседателот Буш дека на американскиот народ не му ја кажал вистината за Ирак.

„Ни кажаа дека брзо ќе ги обновиме ирачките јавни служби кои ќе ја водат земјата, како и полициските сили и армијата кои ќе се грижат за нејзината безбедност, но погрешија. Оваа администрација во однос на Ирак постојано ветува, но не исполнува. На оваа политика и недостасува планирање, искреност, таа е арогантна и целосно некомпетентна“, рече Кери.

Сенаторот Кери кажа дека има план за успех на Ирак и за побезбедна Америка. Тој понуди план од четири фази, за кој вели дека претседателот Буш требало да го спроведе, за да избегне неуспех во Ирак. Неговите предлози вклучуваат поголема помош од другите држави, подобра обука за ирачките безбедносни сили и бенефиции за ирачкиот народ и гаранции дека демократските избори ќе се одржат на 5 јануари, како што беше и ветено.

Претседателот Буш одржа предизборен собир во Њу хемпшир. Тој го истакна напредокот во правец на стабилноста во Ирак и демократските избори во јануари. Американскиот претседател продолжи со нападите врз сенаторот Кери зошто се́ уште нема јавно објаснето зошто гласал за војната во Ирак, а потоа се спротивставил на барањето за одобрување на 87 милијарди долари за финансирање на војната. Г-динот Буш ги отфрли и обвинувањата од сенаторот Кери дека САД сега се понебезбедни одошто пред инвазијата на Ирак.

„Неверојатно - тој сега верува дека нашата национална безбедност ќе била поцврста со Садам Хусеин на власт, а не во затвор. Денеска, тој кажа и јас го цитирам, дека ние сме трампале диктатор за хаос кој ја прави Америка помалку безбедна. Тој вели дека повеќе сака стабилно диктаторство отколку надежта и безбедноста на демократијата. Јас не се согласувам со мојот потивкандидат“, оцени Буш.

Советниците на изборниот штаб на Буш велат дека претседателот ќе продолжи со дебатите каде Ирак ќе биде централна тема на кампањата. Ова, според неколкуте истражувања на јавното мислење индицира дека мнозинството Американци ја поддржуваат политиката на г-динот Буш во војната во Ирак и војната против тероризмот.

Г-динот Буш и г-динот Кери наскоро ќе се соочат на три претседателски дебати. Двата изборни штабови начелно се согласија да ги одржат овие дебати во текот на две недели, почнувајќи од крајот на овој месец. Првата дебата ќе биде фокусирана на надворешна политика, втората ќе биде јавен собир на кој присутните ќе можат да им поставуваат прашања на кандидатите. Последната дебата ќе биде сконцентирана на домашни прашања. Ќе има и една дебата на потпретседателските кандидати. Дебатите што ќе се пренесуваат на националната телевизија би можеле да влијаат врз милионите неопределени гласачи, кои се сметаат за клучни за победа на изборите на втори ноември.

XS
SM
MD
LG