Линкови за пристапност

Груевски: Од успехот на референдумот зависи опстанокот на државата - 2004-09-20


Најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ е посветена на подготовки за кампањата за успех на референдумот закажан за 7-ми ноември, на кој граѓаните треба да го кажат своето мислење за новата територијална организација на државата.

„Ние активно ќе учествуваме во кампањата затоа што сметаме дека успехот на референдумот е од големо значење за иднината и опстанокот на државата како унитарна“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик, одговарајќи на прашањето зошто неговата партија ќе води кампања за успех на референдумот кој би ја оспорил новата територијална органзиација.

“Овој модел што сега е понуден со овој закон што помина во парламентот за територијална организација, нуди многу ризици и остава голем простор за радикалните структури, кои немаат иста агенда како и ние - за ЕУ, НАТО, економски развој, итн. Ако останат работите како што се, просторот што се остава на радикалните структури е најпрво да почнат со институционално иселување на Македонците од западниот дел на Македонија, а подоцна и преземање на чекори кои ќе бидат во согласност со нивната агенда, за која јавно зборуваат. Значи, тоа не е нешто што јас го претпоставувам или си мислам дека е така, или пак имам фантазии по тоа прашање. Едноставно, луѓе од парламентот, луѓе од структурите на власта, кои влегуваат во радикални структури во албанската етничка заедница, зборуваат дека нивната цел е правење на Голема Албанија,“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој во ова интервју исто така го коментира и ставот на владејачката коалиција, која пак тврди дека успехот на референдумот значи ризик за стабилноста на државата и за нејзините евроатлантски перспективи.

“Мислам дека ништо страшно нема да и́ се случи на Македонија. Таа порака постојано им ја упатуваме - дека кога ќе успее референдумот, Република Македонија ќе има нов предизвик - може да се продолжи со 123 општини, може Владата да креира нов закон, кој ќе биде прифатлив за сите партии и уште повеќе, за мнозинството од граѓаните во РМ“.

Што се однесува до ставот на меѓународните фактори, кој е спротивен на оној на опозиционерите, Груевски вели:

“Меѓународната заедница овој пат одлучи да ги остави сами СДСМ и ДУИ, сами да договараат, и очигледно направи грешка. Ние треба да посакуваме да не ни се меша меѓународниот фактор, но во ваква ситуација остави една прилично неспособна гарнитура да донесе клучна одлука. По долг и нетранспарентен процес, СДСМ прифати нешто за што претходно велеше дека во никој случај не треба да се прифати. Народот дополнително се изиритира, затоа што гледа дека го лажат, така што ЕУ, САД и сите меѓународни инстанци кои се занимаваат со овој проблем се најдоа во една ситуација која не е ни горе, ни долу. Не знаат што да направат, и гледајќи опасност да не се случи нешто во иднина, на крајот го прифатија тоа решение“.

Еден од аргументите на оние кои се против референдумот е дека со неговиот успех би се довел во прашање Рамковниот договор. “Ние не сме против Охридскиот договор“, вели Груевски.

“Апсолутно не се доведува во прашање Рамковниот договор. Целосно, опозицијата ги поддржа сите закони од Рамковниот договор. Ќе ги поддржи и тие што останаа. Се работи за несогласување исклучиво околу еден закон и тоа за дел од тој закон. Сметаме дека тој закон може да се промени, ако е тоа веќе нужно. Свесни сме дека 123 општини можеби не се најидеалното решение, особено од фискална гледна точка. Сепак, треба да се почитува волјата на локалните општини и да се внимава да не се остави простор на радикалните структури и преземање на ризични чекори“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG