Линкови за пристапност

Бучковски: Во позадината и на ова референдумско изјаснување е уривањето на Рамковниот договор - 2004-09-20


Владејачкиот СДСМ ја подготвува стратегијата за настап во кампањата за референдумот на 7-ми ноември на кој граѓаните треба да се изјаснат за новата територијална организација на државата. Цел на нивната кампања ќе биде да ги објаснат придобивките за граѓаните од новата територијална организација, како и компромисот направен со нивниот коалиционен партнер ДУИ околу новите општински граници. „Ова е цел на нашата кампања“ , вели потпретседателот на социјалдемократите Владо Бучковски, во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик. Социјалдемократите ќе укажуваат и на последиците од евентуалниот успех на референдумот, кој значи оспорување на новата територијална организација. „Ќе има криза и оддалечување од евроатлантските структури“, вели Бучковски.

„Прашањето е повеќе од сериозно , но не е драматично и ние се договоривме, јавно соопштивме дека не ни се блиски апокалиптични сценарија во евентуално успешно завршување на референдумот. Дефинитивно ќе има сериозна политичка криза, но веруваме дека Република Македонија има доволно капацитет да ја надмине и таа евентуална нова политичка криза, затоа што многу работи ќе бидат отворени кои сметавме дека се затворени со потпишувањето на Рамковниот договор“, рече тој.

Бучковски во интервјуто вели дека доколку референдумот ја оспори новата територијална организација, тоа значи негирање на Рамковниот договор, како и можност за отворање на процес на нови разговори.

„Ако биде успешен референдумот, ќе се врати законот од 1996 година, што дефинитивно е сериозен удар на Рамковниот договор и промовирање низ една поинаква форма на принципот на мајоризација кој е контролиран со уставните амандмани преку примената на двојното мнозинство. Ќе се отворат многу дилеми, но дилемата што потоа ќе треба сите да ја имаат на ум и кога ќе гласаат. Тоа значи дека се враќаме на Законот од 1996-та година, тоа значи дека не постои можност за било какви дополнителни корекции најмалку една година, затоа што според постоечките законски решенија, тоа би била судбината. А како ќе се одвиваат другите процеси во државата, во краен случај ќе зависат од сите битни политички субјекти. Лоша е најавата што ја спомена Џафери, но треба да се има и тоа на ум. Не е исклучена можноста успешен референдум да продуцира продолжување на некои нови охридски разговори, скопски разговори, бриселски разговори, некој нов договор што ќе биде дефинитивно полош од оној што во овој момент го имаме“, истакнува Бучковски.

Потпретседателот на СДСМ исто така обвинува дел од иницијаторите на референдумот дека сето ова го прават со цел да го оспорат Рамковниот договор. „Не се наивни дел од иницијаторите - не ни кријат - ние ќе се обидеме да ги потсетиме и граѓаните на Република Македонија, што правеа во моментот кога беше донесен Охридскиот догор, што правеа во моментот кога беа усвоени уставните амандмани - дел од тие луѓе не можат да се соочат со реалноста и со егзистирањето на Рамковниот договор. И можеби изгледа прегрубо, но во позадината и на ова референдумско изјаснување е уривањето на Рамковниот договор“, изјави потпретседателот на СДСМ Владо Бучковски во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG