Линкови за пристапност

Се зголемува бројот на киднапирања во Ирак  - 2004-09-20


Денеска истекува рокот за погубување на двајца американски и еден британски заложник во Ирак, додека друга радикална група се заканува дека ќе убие 18 припадници на ирачката гарда кои биле киднапирани минатата недела. Зголемувањето на бројот на киднапирања и друго насилство ја загрижува ирачката привремена влада, која се обидува да ги организира изборите закажани за јануари.

Милитантните групи се закануваат дека ќе ги убијат заложниците ако ирачката Влада и коалиционите сили не ослободат еден радикален шиитски лидер и сите жени-затворенички.

Милитантните групи од април до сега киднапирале над 100 странци во Ирак со слични барања. Аналитичарите велат дека грабнувањата често ги вршат криминални банди. Експертите велат дека тие ги продаваат заложниците на милитантните организации, кои потоа доставуваат барања до странските влади или компании кои работат во Ирак.

Некои експерти сметаат дека зголемената несигурност во Ирак се должи на неуспехот на привремената влада да ги убеди Ирачаните дека може да им обезбеди постабилна иднина. Садун ал-Дуламе, директор на независниот Ирачки центар за истражување и стратешки студии, вели дека заради овие стравувања Ирачаните се подложни на манипулации од други групи.

“Ова не е јасна агенда за иднината на Ирак. Тоа е причината. Затоа секоја група сака да го воспостави Ирак според сопствените интереси. И, се разбира, некои групи се поддржани од регионални интереси и ти стануваат локални застапници, ништо повеќе“, вели господинот ал-Дуламе.

Неодамна беа киднапирани две Италијанки кои работеле за приватна хуманитарна група и двајца француски новинари. Вчера биле киднапирани десетмина турски возачи на камиони.

Милитантните групи јасно ставаат на знаење дека нивните закани се реални и дека се однесуваат не само на странци, туку и на Ирачани. Погубувањето на тројца ирачки Курди вчера беше ставено на Интернет. Грабнувачите ги обвиниле за соработка со американските сили во Ирак.

XS
SM
MD
LG