Линкови за пристапност

Најнови вести, 16 септември - 2004-09-16


Ирак – нови киднапирања

Ирачките власти и претставници на американската амбасада велат дека утрово непознати напаѓачи киднапирале двајца Американци и еден Британец од куќа во Багдад.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека тројцата работеле за градежна компанија со седиште во Персискиот Залив.

Соседите во богатото соседство ал-Мансур велат дека слушнале необична врева, но не и пукање, во куќата на странците околу 6 часот утрово. Заложниците биле однесени со комбе.

Милитанти групи во Ирак држат неколку заложници од Западните земји, меѓу кои се двајцата француски новинари и две Италијанки кои работеле за меѓународна хуманитарна агенција.

Канада исто така соопшти дека двајца канадски државјани биле меѓу загинатите во нападот со автомобил бомба пред полициската станица во Багдад во вторникот, во кој загинаа 47 лица.

Црни прогнози за Ирак

Високи американски официјални претставници велат дека претседателот Буш кон крајот на јули добил доверлив разузнавачки брифинг со мрачни проценки за иднината на Ирак.

Претставници кои сакаа да останат анонимни, велат дека според разузнавачкиуте проценки во најлош случај во Ирак би имало граѓанска војна.

Во најдобар случај, пак, разузнавањето проценува дека ирачката безбедност, економија и политичката клима ќе бидат “чувствителни“ до крајот на 2005.

Властите велат дека овие проценки ги подготвил Националниот Совет за разузнавање и биле одобрени со вршителот на должност директор на ЦИА, Џон Меклафлин.

Овој документ се објавува додека администрацијата на Буш инсистира дека и покрај тешкотиите, во Ирак се напредува.

Противникот на претседателот Буш на претстојните избори од Демократската партија, Џон Кери, како и генералниот секретар на ОН неодамна се посомневаа дали ќе биде можно да се одржат избори во Ирак во јануари.

Иран – нуклеарно оружје

Истакнат меѓународен нуклеарен експерт вели дека нови сателитски фотографии покажуваат дека иранскиот воен комплекс во близина на Техеран можеби е место за истражување, тестирање и производство на нуклеарно оружје.

Нуклеарниот експерт Дејвид Олбрајт, поранешен инспектор за оружје, денеска пред Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена ја објави анализата на фотографиите од комплексот.

Но Иран ги отфрла неговите проценки велејќи дека не вршат никакви нуклеари активности во комплексот, кој е оддалечен 30 километри од главниот град.

Господинот Олбрајт исто така кажа дека Иран го игнорирал барањето на Агенцијата за посета на локацијата. Иран одбива да го прими ова барање и постојано вели дека неговата нуклеарна програма е за мирнодопски цели.

САД бараат од Агенцијата на Иран да му да постави краен рок за целосен опис на своите нуклеарни амбиции или ќе се соочи со санкции на ОН. Но се уште не е определен таков термин.

Авганистан - Карзаи

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи избегнал ракетен напад врз американски хеликоптер што го превезувал во југоисточниот град Гардез на неговото прво патување во изборната кампања.

Властите велат дека проектилот го промашил хеликоптерот што се подготвувал да се слета во близина на едно училиште. Хеликоптерот не слетал и се вратил во Кабул. Нема информации за жртви.

Талебанските бунтовници веднаш ја презедоа одговорноста за нападот. Авганистанската Влада вели дека во тек е истрага и дека е прерано да се каже кој стои зад нападот.

Талебан и нивните сојузници од ал-Каида ветија дека ќе ги попречат првите непосредни претседателски избори што се закажани за 9-ти октомври.

Кампањата официјално започна минатата недела, но се води со многу слаб интензитет.

Газа- киднапирање

Сведоци велат дека неидентификувани напаѓачи киднапирале висок член на палестинската бебзедносна служба во Појасот Газа.

Се работи за Мохамед ал-Батрави, кој раководи со одделот за финансиска контрола на палестинските бебзедносни служби.

Сведоци изјавија дека напаѓачите го опколиле возилото на господинот Барави и го принудиле да вози со нив.

Пред два месеци Газа беше погодена од огромен бран на киднапирања и престрелки меѓу милитантите и безбедносните сили. Аналитичарите ги поврзуваат нередите со фракции кои го обвинуваат палестинскиот лидер Јасер Арафат за голема крупција во палестинската управа.

Насилствата беа причина палестинскиот премиер Ахмед Куреја да поднесе оставка, но подоцна тој повторно се врати во владата.

Тирана – уривање на воен авион

Тешко вооружен албански воен авион експлодирал веднаш по полетувањето од меѓународниот аеродром во Тирана, при што загинал пилотот.

Властите велат дека авионот МИГ-19 полетал од воениот дел на аеродромот на мисија за обука, кога се појавиле проблеми со моторот, а потоа експлодирал.

Властите велат дека пожарникарите не можеле веднаш да стигнат до местото на уривањето и чекале да експлодира целата муниција во авионот.

XS
SM
MD
LG