Оваа недела Советот за безбедност на ОН продолжува со дискусиите за својата мисија во Ирак, каде светското тело доби во надлежност да помогне во координацијата на националните избори во безбедносна ситуација обременета со опасности. Следува разговорот со заменик раководителот на Мисијата за помош во Ирак на ОН, Рос Маунтин, за предизвиците на ОН во Ирак.
Повеќе од една година помина откако ОН претрпеа една од своите најголеми трагедии: убиството на 22 членови на персоналот во бомбашки напад со камион полн со експлозив во седиштето на организацијата во Багдад. Некои сметаат дека речиси воопшто не се разговарало за прашањето дали ОН се опоравиле по тој настан.
Рос Маунтин е заменик раководител на Мисијата за помош на ОН во Ирак, позната по кратенката УНАМИ.
"Не, ОН не се опоравија. И за многу од нас кои загубија пријатели и колеги од тоа време, ќе биде потребно многу време за опоравување. И самата институција во смисла на справување со Ирак, сеуште е многу преокупирана со тоа што се случи, но ние се вративме",вели тој.
Од бомбашкиот напад, генералниот секретар на ОН Кофи Анан го намали бројот на меѓународни работници распоредени во Ирак на само 35 лица, кои работат со неколку стотини лица локален персонал. Како дополнение на хуманитарната работа, мисијата е задолжена и за помош на новоформираната ирачка изборна комисија која ги организира националните избори до крајот на јануари.
Иако тоа е макотрпна работа, со секојдневни напади од различни милитантни групи, господинот Маунтин вели дека изборите сепак имаат изгледи да се одржат според планот.
"Моите колеги кои работат на поддршка на Независната изборна комисија се сигурни дека – доколку нема поголеми нциденти кои тоа би го спречиле, изборите може да се одржат на време. Но очигледно, безбедноста е големо прашање", смета тој.
Има повеќе димензии на безбедносниот проблем за ОН, што има долга историја во Ирак. Сепак, ОН најчесто се поврзуваат со економски санкции и политичка волја, што е перцепција која според господинот Маунтин мора да се надмине.
"Многу сме свесни дека не поврзуваат со ембаргото врз Ирак и со инспекциите за оружје, што секако не не прави многу популарни во Ирак. Треба подобро да ја објасниме работата шро ја вршиме; не само на политички план, туку и во областа на снабдување со вода,во здравството, во обезбедување храна, електрична енергија и така натаму. Мислам дека не направивме доволно во тој поглед“,вели заменик раководителот на УНАМИ.
На друго ниво, господинот Маунтин вели дека може да биде тешко да се наметне независната улога на ОН во Ирак. Тоа од причини што заштитата на нивниот персонал зависи од мултинационални сили со кои раководи ирачката влада, кои во најголем дел се сочинети од американски и други коалициони трупи.
Генералниот секретар на ОН Кофи Анан ги повика државите членки да придонесат со околу 480 лица армиски персонал за формирање на специјални заштитни единици за персоналот на ОН и нивните објекти. До сега, само неколку држави се согласија на тоа.
"Тоа е една од причините што Советот за безбедност побара да му се одредат сили за заштита на нивните операции во земјата. Но со или без тие сили, ОН се независна институција",вели тој.
Господинот Маунтин вели – и покрај сите тешкотии, ОН се во Ирак и таму ќе останат.