Линкови за пристапност

Британија вели дека мора да продолжи притисокот врз Иран да го исполни ветувањето дека ќе користи нуклеарна енергија само за мирнодопски цели - 2004-09-13


Прашањето за иранската нуклеарна програма беше тема на средбата на европските министри за надворешни работи во Брисел. Британија, Франција и Германија ги предводат дипломатските напори на ЕУ за иранскиот нуклеарен спор.

Пред состанокот во Брисел, британскиот секретар за надворешни работи Џек Строу на новинарите им изјави дека мора да продолжи притисокот врз Иран да го исполни ветувањето оти ќе користи нуклеарна енергија само за мирнодопски цивилни цели.

„Откако се здруживме, Франција, Германија и ние, пред 15 месеци, екстремно многу работиме на решавање на овој проблем на директен начин. Со тоа од Иранците се бара да ги остварат своите заложби за целосно запирање на нивните активности за збогатување на ураниум“, истакна господинот Строу.

Тој кажа дека Техеран минатиот октомври ветил оти ќе ги суспендира сите програми за збогатување на ураниум. Но сега Иран вели дека делумно ќе продолжи со овој процес, со што ги зголеми стравувањата дека сака да произведе нуклеарно оружје.

Господинот Строу вели дека иранската позиција ја поткопува довербата на меѓународната заедница во намерите на Иран.

Британија, Франција и Германија предложија резолуција што ќе ја разгледува Агенцијата на ОН за нуклеарна регулатива, а во која на Иран му се поставува рок до ноември да одговори на загриженоста околу неговата нуклеарна програма.

САД се залагаат на Иран да му биде ставено на знаење дека доколку не соработува, Советот за безбедност на ОН може да воведе санкции.

XS
SM
MD
LG