Линкови за пристапност

Пауел: Иран повторно ги отфрли меѓународните барања за откажување од програмата за збогатување на ураниумот - 2004-09-13


Иранското одбивање на европското барање за суспендирање на нуклеарните активности се случи непосредно пред планираниот состанок на Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија, за неуспехот на Иран да ги објави своите нуклеарни активности.

Во интервјуот за телевизиската мрежа Еј Би Си, г-динот Пауел рече дека меѓународната заедница мора да инсистира Иран да ја обелодени својата нуклеарна намера.

„Во овој момент, дали на Иранците треба да им кажеме дека ова нуклеарно прашање сега е предмет на решавање во Советот за безбедност на ОН? Иранците се под огромен притисок и секој ден велат: „Нуклеарната програма е мирнодопска и ние сакаме да дадеме гаранции за тоа“. Ние сме тие кои алармиравме за овој проблем и рековме дека меѓународната заедница треба да стори нешто во врска со тоа“, истакна господинот Пауел.

Меѓународната агенција за атомска енергија, САД и европските држави не се задоволни со досегашните гаранции од Иран, дека нивната програма е дозволена според Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Во интервјуто за Си Ен Ен, клучниот американски сенатор, Боб Грем кажа дека меѓународната заедница не може да толерира Иран да поседува нуклеарно оружје.

„Доколку имате држава на Блискиот исток со нуклеарен капацитет, тоа е речиси сигурно дека ќе предизвика нервоза кај другите земји и желба кај нив да произведат нуклеарно оружје“, вели сенаторот Грем.

На прашањето дали САД би разгледувале можност за воена акција против иранските нуклеарни капацитети, советникот за национална безбендост Кондолиза Рајс рече дека претседателот Буш не отфрла никаква можност за секаков вид на акција. Но, во интервјуто за Си Ен Ен, таа истакна дека администрацијата сака ова прашање да се реши на мирен начин.

„Веруваме дека ова најдобро ќе се реши на дипломатски начин и оти може да се реши по дипломатски пат. Светот е обединет во пораката до Иранците дека не е прифатливо, според програмата за цивилни нуклеарни активности, да се преземаат активности кои би им овозможиле да создадат воена програма“, изјави Рајс.

Американски дипломати работат со нивни колеги од Британија, Франција и Германија за постигнување заеднички став по прашањето на евентуален ангажман на Советот за безбедност во случајот на Иран.

XS
SM
MD
LG