Линкови за пристапност

Vesti 13 - 2004-09-13


Ирак

Американските сили во Ирак изведоа воздушни напади врз осомничени позиции на бунтовниците во градот Фалуџа, западно од Багдад.

Локални болнички извори велат дека најмалку 16 лица загинале, а преку десет се повредени за време на денешниот напад.

Американската армија вели дека бомбардерите извеле, како што се нарекува, прецизен напад на локација каде се верувало дека се состануваат членовите на терористичка група предводена од Јорданецот Абу Мусаб Ал Заркави. Воените претставници кажаа дека нападот ја постигнал целта, без да дадат дополнително објаснување.

Претходно, ирачките претставници рекоа дека преку 75 лица загинале во вчерашните престрелки меѓу трупите под американско водство и бунтовниците ширум земјата.

Иран-Нуклеарно оружје

Раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија вели дека нема поставен рок за истрагата на иранската нуклеарна програма.

Мохамед Ел Барадеи кажа дека истрагата е отворен процес што ќе заврши кога тој ќе оцени дека е потребно. Г-динот Баредеи ова го изјави во Виена, каде Агенцијата се состанува на разговори за Иран и за други нуклеарни прашања.

Меѓународната агенција за атомска енергија го разгледува прашањето на Иран да му постави рок за целосно да ја претстави природата на својата нуклаерна програма. Во заедничкиот нацрт-документ на Британија, Германија и Франција се предупредува на понатамошна акција доколку Иран не соработува во периодот пред одржувањето на следната средба на претставници на агенцијата на ОН во ноември.

САД го обвинува Иран за обид да изгради нуклаерна бомба, додека Иран вели дека неговата нуклаерна прогрма е за мирнодопски цели.

Северна Кореја-Експлозија

Британски претставник вели дека Северна Кореја ќе им дозволи на дипломатите од западните земји најрано до утре да ја посетат локацијата во близина на кинеската граница, каде била забележана силна експлозија.

Mинистерот Бил Рамел од британскиот фореин офис кој се наоѓа во Пјонгјанг на разговори за нуклеарното прашање на Северна Кореја, побара да ја посети оваа локација.

Северна Кореја вели дека експлозијата од четвртокот била од демолирање на планински предел за изградба на хидроелектрана.

Американски и јужнокорејски претставници велат дека нема знаци оти минатонеделната екплозија е поврзана со нуклеарен материјал.

Авганистан-Борби

Американската армија во Авганистан вели дека тројца арапски борци се меѓу 22-та бунтовници кои загинале за време на операцијата на коалиционите трупи под американско водство во јужната провинција Забул.

Портпаролот на американската армија за новинарите во Кабул изјави дека уште еден Арап бил меѓу тројцата уапсени лица. Во акцијата немало повредени од страна на коалицијата.

Портпаролот кажа и дека коалиционите трупи заплениле глобален систем за позиционирање, видео камера со ленти, мапи, муниција. Армијата во моментов ги анализира лентите.

Борбите избувнаа доцна синоќа откако околу 40 бунтовници нападнале патрола на коалицијата во областа Шинкаи.

Познато е дека борците лојални на соборениот талебански режим и нивните сојузници од Ал-Каида се активни во регионот кој се граничи со Пакистан.

САД-Политика

Претседателскиот кандидат на Демократската партија Џон Кери го обвинува претседателот Буш за игнорирање на опасноста од севернокорејската нуклеарна програма.

Во синоќа објавеното соопштение, сенаторот Кери вели дека нуклеарната програма на Северна Кореја е мошне понапредна во споредба со онаа за која Ирак беше обвинет дека ја развива под режимот на Садам Хусеин.

Тој ја обвини администрацијата на Буш за огромен неуспех во националната безбедност велејќи дека потенцијалниот правец на нукларната катастрофа е јасно видлив.

Коментарот на г-динот Кери уследи откако високи американски претставници вчера ги порекнаа извештаите дека Северна Кореја минатата недела извршила нуклеарен тест.

Израел-Доселеници

Израелскиот министер за финансии Бенџамин Нетанијаху повика на одржување национален референдум за планот на премиерот Ариел Шарон за повлекување на трупите и израелските доселеници од Појасот Газа.

Денешниот изненаден повек на г-динот Нетанијаху, уследи неколку часа откако доцна синоќа десетици илјади доселеници и нивните поддржувачи демонстрираа во Ерусалим против планот на премиерот Шарон.

Според планот, еврејските доселеници треба да се повлечат од Газа и од четири помали енклави на Западниот брег до крајот на 2005-та.

И покрај тоа што испитувањата на јавното мислење покажуваат дека израелската јавност го поддржува повлекувањето, аналитичарите велат дека г-динот Шарон е против распишување на референдум по ова прашање бидејќи гласањето би го одложило процесот на повлекувањето.

XS
SM
MD
LG