Линкови за пристапност

Што мислат републиканците и демократите за претседателот Буш?  - 2004-09-10


Претседателот Буш го стави својот карактер како централно прашање во предизборната камапња, порачувајќи им на гласачите дека стабилноста на неговото лидерство придонела САД да биде побезбедни. Истовремено тој го обвинува противкандидатот Џон Кери за често менување на ставовите во врска со војната во Ирак и поддршката за американските трупи. Гласот на Америка од неколку гласачи во федералната држава Пенсилванија побара да го опишат карактерот на претседателот во екот на предизборната кампања.

-„Сметам дека тој одлично ја извршува работата и драго ми е да бидам дел од историјата со тоа што присуствувам на ваков собир. Беше прекрасно“.

Што е она кај Џорџ Буш што придонесува да гласате за него да биде претседател?

-„Тој едноставно е добар лидер. Тој зрачи со лидерство, затоа ми се допаѓа“.

-„Тој е човек од вредности, човек на искреност и интегритет. Тој имаше храброст да повика на отпочнување војна. Знам дека војната не е најдоброто нешто во животот, но подобро е да го решиме проблемот во зачеток, отколку да дозволиме да се шири“.

-„Тој има мошне добар морал. Тој не го поддржува абортусот и тоа ми се допаѓа“.

-„Знаете, тие го имаа Клинтон на функцијата и тој не стори ништо. Овој човек е на функцијата и прави се́. Тој е одличен. Мислам дека тој ќе добие уште четири години“.

-„Безбедноста на нашата земја. Сметам дека тој е најдобрата личност која не одржува безбедни и која придонесува да напредуваме“.

-„Поради неговите верувања и за она за што се залага. Како не се плаши да каже дека е Христијанин и затоа што многу се моли. Сметам дека тоа значи многу за многумина од нас во земјава, дека имаме претседател кој се моли пред да донесе одлуки“.

-„Тој е супер. Тој е храбар, тој го има најголемото срце. Тој е одличен лидер“.

Демонстрантите од Демократската партија, пак, кои протестираа во близина на предизборниот собир на претседателот Буш во Џонстаун, Пенсилванија, беа со спротивно мислење.

-„Како може да мисли дека тоа е вистинското нешто што може да се стори? Да ги убие сите тие луѓе? Како може тоа да биде добар карактер? Тој лаже и вели дека тој народ има оружје за масовно уништување, а всушност го нема“.

-„Во однос на карактерот, според мене, најважно нешто е искреноста. Во центарот на сето она што доведе до отпочнување на војната против Садам, беше аргументот дека бараме оружје оружје за масовно уништување, иако имаше многу аргументи кои тие ги користеа, како ураниумот од Нигер, кои беа измислица. Ако зборуваме за карактер, треба да зборуваме за искреноста на претседателот“.

-„Тој ќе се симне на секое ниво за да го уништи Кери и да добие втор мандат“.

-„Доколку тој беше навистина за Америка, ќе работеше понапорно за да ги задржи работните места во Америка, а не да дојде до нивно отселување во странски земји“.

-„Што се однесува до карактерот, тој покажа дека тој може да ја лаже целата земја за причините зошто поведе војна во Ирак. Не мислам дека тоа е знак за добар карактер. Сметам дека доколку некој има карактер, ќе се обиде да ги реши проблемите и да спаси невини животи, а не да ги испраќа таму врз основа на лаги“.

XS
SM
MD
LG