Линкови за пристапност

Дали претседателот Путин ќе ја промени политиката кон Чеченија по трагедијата во Беслан?  - 2004-09-10


Убиството на стотици деца во заложниката драма во училиштето во јужна Русија го шокираше светот, и овој настан многумина го нарекуваат руска верзија на терористичките напади врз САД на 11 септември. Но, терористички инциденти во Русија се случуваат со години, и речиси сите се поврзани со деценискиот конфликт во сепаратистичкиот регион Чеченија. Следува осврт на корените на овој конфликт и како руските власти се справуваат со него.

Беа потребни неколку дена за да се погребат сите жртви во нападот на училиштето во Беслан, каде загинаа над 330 лица, а стотици беа повредени.

Големината на трагедија ја вчудоневиди Русија и остатокот од светот, посебно поради тоа што цел на нападот беа деца.

Но, опсадата во Беслан е најновиот од серијата напади во изминатава деценија од страна на милитантите, вклучувајќи ги и трите претходни заложнички кризи во кои исто така имаше жртви.

Она што сите нив ги поврзува е долгогодишната војна во Чеченија, една од многуте мали републики сместени во подножјето на кавкаските планини. Руските трупи речиси една деценија се борат со чеченските сепаратистички борци, обидувајќи се да го задушат бунтот за целосна независност на оваа република од Русија.

Конфликтот и натаму трае, и некои бунтовници се преориентираа кон терористички акти, главно самоубиствени бомбашки напади. Како што се зголемува бројот на овие напади, се поставуваат многу прашања во однос на тврдокорната политиката на претседателот Путин.

Спротивставувајќи се на тероризмот, западните лидери истовремено веќе подолго време го поттикнуваат г-динот Путин да побара дијалог со умерените Чеченици, како што е поранешниот претседател Аслан Маскадов.

Минатата сабота, видно потресен, претседателот Путин и се обрати на нацијата преку телевизијата по повод трагедијата во училиштетот. Тој призна дека безбедносниот систем на Русија не успеал да го заштит народот во Беслан, дури признавајќи дека корупцијата во слабо платената полиција и безбедносните сили придонеле за тоа терористите да можат да го спроведат нивниот план.

За најголем дел од ова, тој смета дека е виновен колапсот на Советскиот сојуз во 1991 година, велејќи дека Русија не ја увидела комплексноста и опасностите на новиот свет во кој се нашла.

„Земјата беше ослабена, и во изминативе години го спушти одбранбениот гард, со што остана незаштитена и од Запад и од Исток, што, пак, доведе до екстремистички напади“,рече тој.

Г-динот Путин кажа дека Русија е нападната од меѓународни терористи, додавајќи дека некои од милитантите кои го зазедоа училиштето можно е да се од арапските земји. Аналитичарите посочуваат дека тој никогаш досега во своите обраќања не ја споменал Чеченија и вети единствено дека ќе ја зајакне својата политика во однос на регионот.

Борис Кагарлитски е политички аналитичар во Институтот за Компаративни политички студии во Москва. Тој вели дека претседателот Путин не може да ја промени својата тврдокорна политка спрема Чеченија, бидејќи на неа е изграден неговиот политички имиџ.

„Тој својата кариера ја базираше на ветувањето за решавање на прашање„то со Чеченија, врз основа на многу цврсто и многу радикално решение, за надмоќ на руските сили над чеченските. Сега, доколку започне преговори, би морал да прифати во реалноста дека претходната политика не функционирала“, истакнува тој.

Некои аналитичари велат дека воениот оговор на терористичките напади само го влошува чеченскиот проблем и оти на крајот г-динот Путин можеби не ќе има друг избор освен да го промени курсот.

Марша Липман е истакнат руски колумнист и коментатор. Таа вели:

„Се надевам дека ќе има промени, бидејќи оваа политика е кратковида, некомпетентна и жестока. Таа предизвика народот во Чеченија навистина да стане очаен“.

Многумина Чеченци велат дека нема ништо ново во однос на нивниот отпор кон рускиот режим, бидејќи бунтовништвото датира уште од 18 век, кога империјалистичките војски на Царот се обиделе да го покорат независниот народ во планините.

Аналитичарите велат дека очајот кој што се акумулирал со оваа долгогодишна борба само го разгорел конфликтот. Има знаци дека конфликтот привлекува радиклани исламисти од Блискиот Исток да се борат заедно со нивните муслимански браќа. Експерти велат дека некои од овие луѓе наводно се поврзани со терористичката мрежа Ал Каида, што можеби се одразува и во се поголемата софистицираност на некои од неодамнешните терористички напади.

Многумина Руси се чини се резигнирани во однос на продолжителниот конфликт во Чеченија, а со тоа и во однос на веројатноста дека и натаму ќе има терористички акти.

XS
SM
MD
LG