Линкови за пристапност

ЕУ бара од Турција законски да не ја казнува прељубата - 2004-09-09


Комесарот за проширување на ЕУ, Гинтер Верхојген за весникот Ватан изјави дека предлогот на турската Влада да се обноват законите со кои прељубата се казнува, може да создаде впечаток дека Турција се приближува кон исламско владеење.

Господинот Верхојген, кој штотуку ја заврши петдневната мисија во Турција, овие мерки ги нарече “шега“. Лидерите на ЕУ, на нивниот последен самит годинава во декември, треба да одлучат дали да започнат преговори за членство со Турција.

И покрај острите критики од ЕУ, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, и натаму го поддржува предлогот за казнување на прељубата. Тој вели дека оваа мерка има за цел да ја одбрани честа на семејството и да се заштитат жените кои се изневерени од нивните сопрузи.

Турскиот министер за правда, Ќемил Чичек, вели дека Владата го предложила овој закон под притисок на Турчинките, кои велат дека сакаат прељубата да се казнува со закон. Овие закони беа укинати во 1996 година откако Уставниот суд утврди дека биле неоправдано применувани на жените.

Организациите за права на жените го осудија овој предлог, велејќи дека со него ќе се поттикне насилството против жените. Тие подготвуваат масовни демонстрации во турскиот парламент, кога ќе се состане на 14 септември за да расправа за предложените амандмани на турскиот казнен закон. Повеќето од овие промени имаат за цел турскиот законски систем да го прилагодат на европските стандарди.

Некои турски аналитичари сметаат дека вклучувањето на законот против прељубата е обид на Партијата за правда и развој, која има исламски корени, да ги смири своите конзервативни гласачи. Многу од нив се лути на несупехот на владата да ги оствари предизборните ветувања за олеснување на забраните за носење на исламски шамии во владините згради и во училиштата.

XS
SM
MD
LG