Линкови за пристапност

Путин: Нема преговори со терористи - 2004-09-07


Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини западните држави дека применуваат двојни стандарди по прашањето за тероризам. Неговите забелешки дојдоа во контекст на минатонеделниот заложнички инцидент во беслан, во кој беа убиени 338 лица.

Претседателот Путин ги отфрли повиците од некои западни држави да го ревидира својот тврдокорен став за кој многумина аналитичари сметаат дека ќе доведе до други терористички инциденти како заземањето на училиштето во Беслан.

Во интервју за печатените медиуми, Путин запраша како да се преговара со тешко вооружени милитанти како оние кои во Беслан држеа над илјада лица како заложници, од кои најголем дел беа деца.

"Зошто вие не се сретнете со Осама бин Ладен, и да го прашате што сака за да ве остави на мир," се цитира дека рекол рускиот лидер за време на интервјуто.

Тој исто така ја отфрли можноста за јавна истрага во врска со заложничката драма, што би можела да даде одговори на многу покренати прашања за тоа како властите реагирале на кризната ситуација.

Заложничкиот инцидент се поврзува со Чеченија, каде руските трупи се обидуваат да го задушат обидот за издвојување од Русија веќе подолго од една деценија.

Кремљ гледа на конфликтот како на проблем од областа на меѓународниот тероризам, со оглед на доказите дека војната придонесе таму да се борат странски борци од арапските земји и други места во светот.

Некои од милитантите кои го зазеле училиштето наводно се Арапи, иако ова не е потврдено од независен извор.

Иако остро ги критикуваат терористичките акти, многу западни лидери исто така се обидоа да го охрабрат Путин да побара дијалог со умерените Чеченци.

Групите за човекови права веќе долго време ги документираат прекршувањата кон цивилите во Чеченија од страна на руските трупи, за што тие велат дека само го разгорува бесот кај многу млади мажи и жени да го возвратат ударот.

Денеска се одржува голем антитерористички собир во близина на Црвениот плоштад во Москва. Организаторите предвидоа дека најмалку 100,000 лица ќе излезат на протестот за да ги осудат последните терористички инциденти.

Русија во последно време ја потресоа неколку терористички напади. Покрај терористичкиот инцидент во Беслан, пред две недели речиси истовремено се урнаа два руски авиони, а во експлозија во близина на метро-станица во близина на Москва загинаа десет лица. Се смета дека овие инциденти се дело на чеченски бомбаши-самоубијци.

XS
SM
MD
LG