Линкови за пристапност

Порака од Џон Кери до учесниците на годишните состаноци на три големи организации на Американците со македонско потекло - 2004-09-07


Претседателскиот кандидат на Демократската партија Џон Кери упати честитки по повод трите годишни средби на Американците со македонско потекло во САД, кои се одржаа изминатиот викенд во Лос Анѓелес и Торонто.

Во пораката, г-динот Кери упатува честитки и најдобри желби до Американците со македонско потекло кои учествуваа на Конвенцијата на Македонската православна младинска асоцијација за Северна Америка, годишната конвенција на Македонската патриотска организација и годишната средба на Организацијата за македонско-американско пријателство, кои од 2 до 6 септември се одржаа во Лос Анѓелес, Калифорнија и Торонто, Канада.

„Од доаѓањето во Америка пред еден век, Американците со македонско потекло ја зајакнаа нашата земја преку посветеноста на религијата, семејството, напорната работа и вложувањето во нашите заедници“, се вели во изјавата.

„Време е за ново лидерство во Америка кое ги одразува вашите вредности. Учествувам на изборите за претседател за да ја направам Америка посилна дома и повеќе почитувана во светот. Сакам да ги обновам вредностите кои отсекогаш ја правеа Америка лидер во светот. Сигурен сум дека се согласувате со мене дека од најдобар интерес на Америка се стабилноста, демократијата и напредокот на Балканот. Јас ќе го обновам американскот лидерство таму“, порачува сенаторот Кери .

Тој истакнува дека заедно со потпретседателскиот кандидат Џон Едвардс ќе соработуваат со европските сојузници за да им се помогне на сите земји на Балканот да успејат да го заземат своето место како членки на клучните институции, вклучувајќи ги НАТО и ЕУ. Тој ветува соработка со владите во регионот за решавање на прашањата кои се главна грижа на народите таму, како што се отворање на нови работни места, зголемување на трговијата и инвестициите и борба против корупцијата, трговијата со луѓе и подобрување на правата за малцинствата.

„Џон Едвардс и јас ќе осигураме дека напорната работа на Американците со македонско потекло се наградува. Ќе промовираме политка на поттикнување на растот на малите бизниси и ќе обезбедиме училишта и извори за потребните реформи за да се овозможи секое американско дете да добие одлично образование. Имаме план за отворање на добро платени работни места дома, кои ќе им овозможат на американските семејства да ја достигнат средната класа која е во пораст, а не да бидат истиснати од општеството. Ќе работиме за да ја направиме здравствената заштита право за сите Американци, а не привилегија“, се вели во изјавата на демократскиот претседателски кандидат Џон Кери упатена до Американците со македонско потекло, по повод одржувањето на годишните состаноци на трите нивни големи организации.

XS
SM
MD
LG