Поранешниот американски претседател Бил Клинтон се одмора во болница во Њујорк, откако вчера му беше извршена операција на срцето.
„Утрово, во 8 часот, врз него беше извршена релативно рутинска четирикратна бајпас операција. Излеговме од операционата сала околу пладне, а во моментов тој нормално се опоравува, така што сметам дека засега сé се одвива добро“.
Др. Крег Смит, шеф на одделот за кардиоторална хирургија во Презбитеријанската болница во Њујорк, ова го изјави на прес-конференција во болницата. Се сметаше дека операцијата е неопходна откако испитувањата покажаа зачепувања на најмалку три коронарни артерии.
Во бајпас операцијата лекарите земаат крвен сад од друг дел од телото, обично од нога, и го додаваат на срцето, со што крвотокот го пренасочуваат околу блокадите. Оваа процедура се смета за рутинска.
Откако во петокот беше примен во болницата, господинот Клинтон доби над 30 илјади пораки со желби за брзо оздравување. Семејството Клинтон стави белешка со благодарност на веб-страницата на Фондацијата што го носи името на поранешниот претседател. Сопругата и сенатор од Њујорк, Хилари Клинтон претходно на прес-конференција ја уверуваше јавноста:
„Ќе му биде добро и ќе се врати во добра форма долго време“.
Се очекува Бил Клинтон да остане во болница околу една недела, а за еден до два месеца и сосема да се опорави. Меѓутоа, тој најверојатно ќе мора да откаже некои од ангажманите планирани во рамки на кампањата на претседателскиот кандидат на Демократите, Џон Кери.