Добивајќи се помала поддршка според испитувањата на јавното мислење на помалку од два месеца пред претседателските избори, сенаторот Кери започна агресивна кампања и наредната недела планира да посети неколку клучни федерални држави.
Г-динот Кери најновиот напор го започна со посетата на Пенсилванија, каде пред четири години Ал Гор извојува тесна победа. Оваа федерална држава е главна цел и на кампањата на претседателот Буш.
„Ако сакате Америка да се врати на работа и да има работни места кои се подобро платени од оние кои ги изгубивме, ако сакате нашите деца да можат да си дозволат да одат на колеџ и да се обнови фискалната одговорност, Џон Едвардс и јас ве повикуваме да гласате за нов правец, да ја придвижиме Америка во друга насока. Ајде да го направиме тоа“, вели Кери.
Меѓу оние кои ја изразија својата поддршка за кандидатот на Демократите беше Кети Борканд од Питсбург. Таа е загрижена за економијата, здравствената заштита и за ситуацијата во Ирак.
„Презаситена сум од лаги. Сакам да ја слушнам вистината. Четири години лаги. Не сакам да бидам во ваква војна. Погрешна војна“, изјави госпоѓа Борканд.
За време на собирот, поддржувачите на г-динот Буш од далечина скандираа. Мери Купиарис вели дека дошла го чуе обраќањето на Кери иако веќе одлучила да гласа за претседателот Буш.
„Сметам дека во однос на прашањето за војната, тој заврши добра работа. Мислам дека тој знае што прави и дека постојано се залага за она што е најдобро за нас. Јас не знам колку Кери е способен“, кажа госпоѓа Купиарис.
За да победи, сенаторот Кери ќе треба да ја добие поддршката на се уште неопределените гласачи како Сенди Мекпик. Таа вели дека ќе ги следи дебатите меѓу кандидатите кои ќе ги спротивстават гледиштата по различни прашања.
„За економијата, образованието, војната, и се друго. Затоа си давам време пред да изберам“.
Како што известува Њујорк тајмс, поранешниот американски претседател Бил Клинтон го советувал сенаторот Кери помалку да се фокусира на прашањата од националната безбедност, а повеќе на неговите разлики со актуелниот претседател по домашните прашања, како еден од начините за интензивирање на неговата кампања.