Линкови за пристапност

Кои се ризични фактори за срцевите заболувања - 2004-09-03


Срцевите заболувања се најголемата причина за смртност во светот, а 80 проценти од случаите се во земјите во развој. Сепак, повеќето од она што е познато за причините за појава на ова заболување, доаѓа од студиите вршени врз средовечни мажи-белци во западните земји.

Новата студија направена врз 30.000 мажи и жени во 52 земји во светот, на секој населен континент, покажува дека остатокот од светот не е поинаков.

“Факторите кои предизвикуваа срцеви удари се исти“. Вели е д-р Соња Ананд од канадскиот Универзитет Мекмастер во Хамилтон, Канада, каде била извршена анализа на резултатите од студијата.

“Она што откривме се девет едноставно мерени ризични фактори кои се предизвикувачи на поголемиот дел од срцевите удари во светот“, додава таа.

Научните истражувачи велат дека на овие ризични фактори отпаѓаат 90 проценти од срцевите удари и дека тие се постојани низ сите региони и етнички групи, без оглед на возраста или полот.

Студијата покажала дека најлошо влијание имаат пушењето и нездравата исхрана. Од нив произлегува две третини од ризикот за инфаркт.

“Има две најважни работи што можеме да ги направиме како општество. Едната е да го спречиме пушењето или да ги охрабриме пушачите да се одвикнат од него, а втората е што можеме да ги видиме непријатните последици од покачувањето на телесната тежина или од прекумерната телесна тежина“, вели д-р Ананд.

За изненадување, меѓународната студија открила дека како трета најважна причина за срцево заболување е емоционалниот стрес. Д-р Ананд вели дека поради стресот се појавиеле една петина срцеви удари, настрана од лошиот стил на живот, пушењето или недоволната исхрана.

Другите ризични фактори за срцевите напади се високиот крвен притисок и дијабетисот, но и генетското наследство игра улога во појавата на болеста.

Како заштита од срцевите заболувања се препорачува конзумирање на овошје и зеленчук, умерена количина на алкохол и редовна физичка активност.

Додека индустријализираните земји во последните неколку децении бележат намалување на бројот на срцевите болни, дојде до драматично зголемување на бројот на смртни случаи како резултат на болеста во земјите со мали или средни примања. Д-р Ананд вели дека студијата може да помогне во изнаоѓање начини за справување со овој тренд.

“Се предвидува дека до 2020 година, во земјите како Индија и Кина ќе има појава на епидемија од срцеви заболувања. Овие студии овозможуваат земјите да отпочнат со политика на превенција, во обид за сузбивање на епидемијата“,смета госпоѓа Ананд.

Резултатите од оваа студија се објавени во медицинскиот журнал „Лансет“.

XS
SM
MD
LG