Линкови за пристапност

Што значи да се биде Републиканец, според членовите на оваа партија - 2004-09-03


Гувернерот на Калифорнија Арнолд Шварценегер можеби не се согласува со претседателот Буш по некои социјални прашања. Но во говорот во Медисон Сквер Гарден во вторникот, г-динот Шварценегер рече дека републиканците се согласуваат по одредени основни принципи.

“Како знаете дека сте републиканец? Ќе ви кажам. Доколку верувате дека владата треба да биде одговорна пред народот, а не обратно, тогаш вие сте републиканец. Дами и господа, доколку верувате дека мора да бидеме жестоки и неуморни за да го искорениме тероризмот, тогаш вие сте републиканец“, вели Шварценегер.

На прашањењето, што значи да се биде републиканец, првиот одговор на многумината делегати на конвенцијата во Њујорк е дека тоа се согледува во односот меѓу поединците и владата. Делегатот од Тексас Рекс Титер вели:

“Да се биде републиканец значи да им се довери на луѓето нивната судбина и тие се оспособуваат самите да раководат со неа“, смета господин Титер.

Делегатот од Ајова Лорас Шулте говореше на истата тема.

“Поединците треба за себе да направат се што можат. Владата има многу ограничена и дефинирана улога со нашиот Устав.“

Со тоа се согласува и Делегатот од Јужна Дакота Кристофер Џексон

“Според мене да се биде републиканец значи дека ние сме партија на надеж и индивидуални права. Дека главна треба да биде способноста на поединецот да напредува во животот и оти владата не треба да прави ништо за народот, освен ако тоа е навистина неопходно“.

Но дали концептот на потпирање на самиот себе си е екслузивна карактеристика само на републиканците? Политичкиот аналитичар Стујарт Ротенберг вели дека не е, додавајќи дека сепак, демократите и републиканците се разликуваат во однос на улогата на владата.

“Ова мислење за потпирање на самиот себе си е важно во американската историја и американското општество. И тоа верување не е карактеристично само за републиканците. Доколку разговарате со демократите и тие ќе говорат за потпирањето на самиот себе си. Но на крајот, тие имаат различни ставови во однос на владата. Тие на владата гледаат како на нешто што им пружа можности на луѓето да си помогнат самите себе си. А за републиканците, владата има тенденција да биде централна група бирократи кои му диктираат на народот како да мисли“, смета господинот Ротенберг.

Многумина републикански делегати велат дека ограничувањето на големината и надлежностите на владата не е доволно. Тие објаснуваат дека граѓаните мора да држат до морални норми доколку сакаат слободното општество да напредува. Делегатот од Вајомин Боб Рул вели:

“Доколку кажеме - секој човек за себе, тоа е анархија. Мора да постои збир правила по кои ќе се живее. Нашиот Создавач ни ги дал овие правила. Доколку отстапиме од овие правила, тогаш нема да успееме“.

Некои делегати, како што е г-динот Рул, се категорични во нивното противење во однос на правата за хомосексуалците и абортусот, како и во нивната поддршка на воведување молитви во јавните училишта.

Стјуарт Ротенберг вели дека има тенденција евангелските христијани и другите верски конзервативци да гласаат за републиканците, но оти ова не било случај секогаш во американската политика.

“Доколку се вратиме во 1890-тите години, демократите како Вилијам Џенинг Брајан се повикувале на Бога, на традиционалните вредности. А републиканците беа повеќе од космополитска бизнис класа. Преминувањето на евангелизмот од Демократската во Републиканската партија е голема промена во американската политика и американското општество“, вели господинот Ротенберг.

Никој од делегатите со кои е разговарано самоволно не ја споменал надворешната политика како дефинирачка доктрина за Републиканската партија. Но на директно прашање нивниот одговор бил дека да се биде републиканец значи поддршка на самоуверена американска надворешна политика, која прифаќа директна борба со американските непријатели во странство.

XS
SM
MD
LG