Линкови за пристапност

Кери возвраќа на критиките на Републиканците - 2004-09-03


Во говорот во федералната држава на Средниот Запад, Охајо, сенаторот Кери кажа дека претседателот Буш погрешно го водел американскиот народ и не понудил ништо освен неисполнети ветувања. Господинот Кери рече дека начинот на кој претседателот Буш ја води војната во Ирак и неговата политика во однос на вработувањата, здравствената заштита и цените на енергијата, го прави неподобен да ја води нацијата:

“Овој претседател е прилично горд на фактот дека ниту грешка нема да го принуди да го промени курсот. Ќе ви кажам што ќе го принуди да го промени курсот, вие ќе го принудите да го промени курсот. Ние ќе го промениме курсот во ноември“, изјави господинот Кери.

Кандидатот на Демократската партија го искористи своето појавување за да покаже, како што опиша еден член на неговата кампања, нов, поконфронтирачки стил. Сенаторот Кери, кој е одликуван ветеран од војната во Виетнам, ги нападна претседателот Буш и потпретседателот Чејни дека ја избегнале воената служба во тој конфликт.

“Нема да дозволам мојата посветеност на одбраната на оваа земја да ја доведуваат во прашање оние кои одбиле да служат кога можеле и оние кои погрешно ја поведоа нацијата во Ирак“, рече претседателскиот кандидат на Демократите.

Во почетокот на неделава во говорот на републиканската конвенција, потпретседателот Дик Чејни го обвини господинот Кери дека не е способен да биде претседател заради, како што ги нарече, погрешните активности во изминатите години.

Додека политичката реторика се вжештува на двете страни, кампањата на Кери започна емитување на реклами во вредност од осум милиони долари во кои претседателот Буш се обвинува дека не успеаел да ги исполни своите ветувања од пред четири години. Демократите се нестрпливи да добијат поголемо внимание од медиумите по неделата што беше посветена на известување од Републиканската конвенција.

XS
SM
MD
LG