Медиумските анализи и стручњаците предвидуваат дека претседателот Буш во својот говор ќе подвлече дека тој е кандидатот во кој може да се има доверба, во контекст на тезата дека на САД во време на глобална војна против тероризмот им е потребен човек кој е конзистентен, одлучен, па дури и визионер за важноста што донесените одлуки ќе ги имаат врз идните американски поколенија.
Таквиот аспект е само надоградување на синоќешните говори на конвенцијата на потпретседателот Чејни и огорчениот на своите сопартијци, демократскиот сенатор со новоздобиена наклонетост кон претседателот Буш, Зел Милер. Тие посветија добар дел од своите обраќања на демократскиот кандидат за претседател, сенаторот Џон Кери, обвинувајќи го дека, едноставно, не од добар материјал да биде претседател, односно дека многу често ги менува мислењата, па дури и по така важни прашања како што е националната безбедност. Демократите веднаш реагираа. Потпретседателскиот кандидат Џон Едвардс утрово на телевизијата изјави дека, цитираме, „гневната реторика“ само го одвлекува вниманието од битните домашни прашања како вработувањето и здравствената заштита. Тој ги порекна тврдењата дека сенаторот Кери е некомпетентен во однос на безбедноста како „едноставно неточни“.
Слободата во светот како прерогатив за побезбедни САД, што е еден од постулатите на Националната платформа на Републиканската партија, исто така се очекува да доминира во вечерашниот говор на американскиот претседател, преку излагање на постигнатото на тој план, со интервенциите во Авганистан и Ирак. Тоа е и мотото на последната вечер – „Исполнување на американското ветување: посигурен свет и побезбедна Америка“.
А за протестите против конвенцијата и претседателот Буш, сума сумарум уапсени се 1.700 демонстранти. Тоа е досега најголем број на уапсени и приведени за време на национална конвенција на која и да е политичка партија во САД. Со извесни исклучоци, протестите, иако масовни и во наелектризирана атмосфера, се мирни.