Линкови за пристапност

Републиканците жестоко го бранат лидерството на Буш  - 2004-09-02


Третата вечер на Републиканската конвенција во Њујорк се оддржа под мотото „Земја на можности“ – познатиот квалификатив за САД.

Во Земјата на можности синоќа двајца кандидати од различни политички партии излегоа на бината во салата Медисон Сквер Гарден со речиси иста порака - претседателот Буш е вистинскиот избор за претседател.

Потпретседателот Дик Чејни ги окарактеризира овие избори како нешто повеќе од тоа кој ќе ја води земјата во наредните четири години и ги стави во контекст и надвор од американските граници: „Доаѓаат моменти во историјата кога лидерите мора да донесат фундаментални одлуки како да се спротистават на долгорочните предизвици од странство и како најдобро да ги заштитат Американците. Оваа нација влезе во еден од таквите моменти“, кажа американскиот потпретседател.

И додека од човекот број два во САД и се очекуваше да ја стави важноста од изборот на претседателот Буш во историски размери, демократскиот сенатор од федералната држава Џорџија Зел Милер, во главниот уводен говор на вечерта покажа дека во Земјата на можности се можни невообичаени нешта, кога премина преку партиските линии и застана зад претседателот Буш. „Како и вие, и јас се прашувам кој е лидерот кој денеска има визија, волја на моќ и основа да го заштити моето семејство? Очигледниот одговор на тоа прашање ме донесе во оваа сала со вас вечерва, бидејќи моето семејство е многу поважно од мојата партија“, кажа демократот Милер. За своите сопартијци тој оцени дека „не веруваат дека постои некакава реална опасност во светот освен што Америка самата си ја создава со нашата незграпна и промашена надворешна политика. Не се работи за нивниот патриотизам, туку за нивното просудување што е толку погрешно, оцени Зел Милер.

А дека се е можно во земјата на можности покажа инцидентот во салата Медисон Сквер Гарден, каде и покрај крајното засиленото обезбедување, група демонстранти го попречија младинскиот состанок на Републиканската национална конвенција. Инцидентот се случи кусо време откако ќерките на претседателот Буш, Барбара и Џена, го претставија шефот на Кабинетот бо Белата куќа, Ендрју Кард. Десетина демонстранти го прекинаа кога тој започна да говори, извикувајќи Буш убива и Буш лаже, по што беа отстранети од полицијата. Демонстрантите навидум имале исправни пропусници да влезат во салата каде се одржува конвенцијата.

Финалето на конвенцијата е во петок рано наутро по македонско време, кога претседателот Буш и официјално ќе ја прифати номинацијата на Републиканската партија за претседателските избори во ноември.

XS
SM
MD
LG