Во најновиот извештај се вели дека иранските техничари ја информирале Меѓународната агенција за атомска енергија дека наскоро имаат намера да го тестират објектот за кој Агенцијата вели дека може да преобрази сиров ураниум во супстанција од која може да се создадат неколку атомски бомби.
Американската Влада, која разменува разузнавачки информации со Меѓународната агенција, вели дека Иран има тајна програма за нуклеарно оружје и дека му требаат три до пет години за да создаде атомска бомба.
Конверзијата на ураниум не е забранета од Меѓународната Агенција за атомска енергија, но ваков потег би предизвикал сомневање во тврдењата на Техеран дека неговата нуклеарна програма е само за мирнодопски цели.
Еден западен дипломат кој сакаше да остане анонимен, вели дека извештајот покажува оти Иран ја одолговлекува соработката со нуклеарната агенција на ОН и дека таквото однесување продолжува.
Иран тврди дека не работел на унапредување на програмата за центрифугирање од 1995 до 2002 година, за што Меѓународната агенција за атомска енергија вели дека не е доволно докажано и треба и натаму да се истражува. Агенцијата вели и дека се уште не стигнала до потеклото на контаминацијата што беше пронајдена на делови во Иран, а за кои Техеран тврди дека се увезени.
Агенцијата на ОН вели дека го истражува големиот црн нуклеарен пазар што зафаќа неколку континенти , а што ја снабдувал Либија со нуклеарни компоненти што покажуваат сличности на иранската програма.
Извештајот за Иран беше предаден на дипломатите во бордот на Меѓународната агенција од 35 члена, кои на 13 септември ќе се состанат во Виена да го разгледаат нуклеарното досие на Иран.
Портпаролот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Мелиса Флеминг вели дека истрагата за иранската нуклеарна програма ќе продолжи.
„Ова е извештај за напредокот во она што го откриле инспекторите до сега. Работата продолжува. Се уште има многу прашања што треба да се истражат со употреба на сите различни методи со кои располага Меѓународната агенција за атомска енергија, вклучувајќи и земање примероци од околината“, истакна господинот Флеминг.
Но анонимен западен дипломат вели дека Меѓународната агенција може бесконечно да зема примероци, и дека мора да дојде време за некакво инволвирање на ОН.