Полицијата вели дека преку десет тешко-вооружени мажи и жени упаднале во училиштето, кратко време откако учениците и наставниците влегле во зградата на првиот ден од учебната година.
Биле слушнати истрели од оружје и се вели дека напаѓачите носеле појас со бомби наменет за самоубиствен напад.
Северна Осетија се наоѓа веднаш до отцепениот регион Чеченија каде руските трупи подолго време се борат против сепаратистичките бунтовници.
Локалните власти велат дека се во контакт со милитантите.
Денешниот настан доаѓа само еден ден по самоубиствениот напад во Москва, а минатата недела се урнаа два патнички авиона при што загинаа преку 80 лица. Обата инцидента се поврзуваат со чеченските бунтовници.
Чеченските сепаратистички лидери подолго време ветуваа дека ќе започнат напади против Русија во децениската борба за целосна независност.
И претходно имало заложнички кризи поврзани со чеченските бунтовници. Една од нив се случи во московски театар во октомври 2002, кога 800 лица во заложништво беа три дена пред владините сили со специјален гас да упаднат во зградата. Во овој инцидент загинаа 130 заложници.