Линкови за пристапност

Гувернерот на Калифорнија Шаврценегер му оддаде признание на претседателот Буш - 2004-09-01


Гувернерот Шварценегер говореше на вечерта која според организаторите на конвенцијата беше фокусирана на сочуствителноста на американскиот народ.

Тој зборуваше за сопственото имигрантско искуство, неговото доаѓање во Америка од Австрија, за на крајот да се најде во ситуација да говори во името на претседателот на САД. Тоа е американскиот сон, рече тој.

Во време кога САД се соочуваат со меѓународни критики за нивната улога во светот, г-динот Шварценегер упати порака до критичарите.

„Ние сме Америка која пружа повеќе од која и да е друга земја, во борбата против СИДА-та во Африка и во светот во развој. Ние сме Америка која не се бори за империјализам, туку за човекови права и демократија“.

Г-динот Шварценегер, потсетувајќи се на советската окупација на дел од неговата родна земја додека растел, му оддаде признание на г-динот Буш за неговата одлука за започнување војна во Ирак и за неговите напори во војната против тероризмот.

Истовремено, тој упати остри зборови на сметка на демократите, кои на минатомесечната конвенција во Бостон го номинираа сенаторот Џон Кери за противкандидат на г-динот Буш на ноемвриските претседателски избори.

„Еден од моите филмови има наслов Вистински лаги. Токму така демократите треба да ја наречат својата конвенција“, рече Шварценегер.

Тој се осврна и на една од темите на кампањата на потпретседателскиот кандидат на демократите, сенаторот Џон Едвардс, кој рече дека економската политика на претседателот создала, како што рече, две Америки.

„Ќе го кажам следново: нашите млади мажи и жени во униформа не веруваат дека има две Америки. Тие веруваат дека има една Америка и тие се борат за неа“, истакна гувернерот на Калифорнија.

Г-динот Шварценегер е еден од многутемина умерени републиканци кои говореа на конвенцијата.

Демократите велат дека говорниците на конвенцијата не ги одразуваат, како што ги нарекуваат, ултраконзервативните ставови и вредности на базата на Републиканскататa партија.

Но, за гувернерот Шварценегер не е проблем да каже дека не се согласува со рестриктивните ставови на претседателот Буш во однос на правото на абортус и со амандманот на Уставот за забрана на бракови на хомосексуалните двојки.

„Можеби со оваа партија не се согласувате по сите прашања. Вечерва ви кажувам дека тоа не само што е во ред, туку тоа е одраз на големината на оваа земја. Тука ние можеме да не се согласуваме, но и натаму да бидеме патриоти, и натаму да бидеме Американци и се уште да бидеме добри републиканци“, кажа тој.

Претходно, лидерот на мнозинството во Сенатот, Бил Фрист говореше за определбата на претседателот Буш во однос на здравствената заштита, а сенаторот Сем Браунбек, кој штотуку се вратил од Африка ја истакна поддршката на претседателот на борбата против СИДА-та.

XS
SM
MD
LG