Линкови за пристапност

Уапсен поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски - 2004-08-31


Љубе Бошкоски, поранешен министер за внатрешни работи денес беше уапсен во 14:00 часот во Истра, на местото Бале, во близина на Пула, под сомневање дека извршил кривично дело убиство. Таа информација денес на хрватските медиуми им ја потврди заменик-портпаролот на хрватското Министерство за внатрешни работи, Игор Штефанец. Бошковски е приведен во полициска станица во Пула, а веќе до крајот на денешниот ден ќе биде препуштен на истражниот судија на Окружниот суд во Пула. Бошковски е осомничен дека 2001-вата, додека беше министер за внатрешни работи, на македонската специјална полиција и́ наредил да убие седуммина имигранти од Пакистан и Индија, кои илегално се обиделе да влезат во Македонија.

Бившиот министер, покрај македонското, од 1993-та година има и хрватско државјанство, по основа на стапување во брак со хрватска државјанка Виолета. Заменик-портпаролот на хрватското Министерство за внатрешни работи Штефанец објасни дека апсењето на Бошковски го наредил окружниот државен обвинител во Пула, и тоа врз основа на договорот меѓу Хрватска и Македонија за меѓусебна помош во граѓански и кривични предмети. На основа таа меѓудржавна спогодба, Македонија на Хрватска и́ го отстапува кривичното гонење на поранешниот министер.

Семејството на поранешниот македонски министер на полицијата име голем имот во истарското место Бале во близина на Пула, уште од крајот на осумдесеттите години. Бошковски во Истра е попознат како угостител отколку како политичар, бидејќи во тоа место има ресторан „Лав“ во кој нуди македонски национални јадења, а има и апартманти и базен. Бошковски во последните години беше мошне отворен за хрватските новинари и во тукашните весници е објавена низа репортажи за него и неговото семејство. Тој се засолни во Хрватска во мај годинава, непосредно откако македонското собрание му го укина пратеничкиот имунитет и беше најавено негово кривично гонење. За хрватскиот неделник Глобус по бегството од Македонија тој изјави дека обвинувањата оти е ладнокрвен убиец на седуммината илегални имигранти ги смета за морбидни, бидејќи од британските и американските тајни служби добил предупредување дека се работи за група терористи кои илегално се уфрлуваат во Македонија со цел да ги нападнат американските и британските дипломатски претставништва во Скопје.

XS
SM
MD
LG