Линкови за пристапност

Амнести Интернешенел предупредува на влошената  ситуација во Непал - 2004-08-31


Амнести Интернешнал вели дека владините трупи во Непал киднапирале стотици лица во изминатава година.

Владата се бори против маоистичките бунтовници уште од 1996. И покрај трите рунди мировни разговори, граѓанската војна продолжува да претставува закана за оваа сиромашна земја.

Групата за човекови права со седиште во Лондон во овонеделниот извештај вели дека зголемениот број на исчезнати лица им наштетува на какви било шанси за мир.

Пурнима Упадјај е директор на Амнести Интернешнал во Индија.

“Исчезнувањата поттикнуваат голема криза со човековите права. Бројот на изчезнати лица е огромен – 378 случаи за една година, што е повеќе од пријавените случаи во изминативе пет години“, вели директорот Упадјај.

Амнести Интернешнал вели дека во споредба со минатата година, ситуацијата во Непал значително е влошена.

Локалните групи за човекови права велат дека бројот на исчезнатите е далеку поголем споредено со цифрите со кои располата Амнести Интернешнал. Непалскиот Национален совет за човекови права вели дека од 2003 наваму, регистрирал преку 700 исчезнати лица.

Маоистичките бунтовници се обвинуваат и за киднапирање и погубување на цивили.

Но Амнести во извештајот наведува и примери за случајни апсења и мачења од страна на владините сили. Г-ѓа Упадјај вели дека владата може да приведе кој било осомничен дека ги поддржува Маоистите и притоа не се очекува легален процес.

“Нема информација за тоа каде се наоѓаат овие луѓе, дали се приведени или убиени. Семејствата не знаат, нема јавна информација, не постои информација во полициска станица, така што никој не знае што им се случило на овие луѓе“.

Амнести Интернешнал вели дека владините трупи дејствувале без страв од одмазда со оглед на развивањето на културата на страв.

Непалската влада вети дека ќе вложи напори за подобрување на ситуацијата со човековите права и ги увери меѓународните набљудувачи, вклучувајќи ги оние од ОН, дека ќе го поддржи непалскиот Национален совет за човекови права.

За време на примирјето во 2003, обете страни ветија дека ќе прекинат со малтретирањата и ќе ја заштитат јавноста, но Амнести Интернешнал, наведувајќи ги изчезнувањата како пример, вели дека владата на Непал мора да стори повеќе да го заштите народот затекнат од долготрајната граѓанска војна, во која досега се загубени околу 10 илјади животи.

XS
SM
MD
LG