Линкови за пристапност

Милошевиќ ја започна својата одбрана пред Трибуналот во Хаг - 2004-08-31


63-годишниот поранешен југословенски лидер беше воздржан на почетокот на својата одбрана по обвиненијата за злосторства против човештвото, геноцид и воени злосторства во Хрватска, Босна и Косово.

Обвинувањата против него, Слободан Милошевиќ ги опиша како „бескрупулозни лаги“ и „искривување на историјата“. Тој кажа дека била уништена „мулти-етничка и мулти- религиска држава“ и оти тоа, според неговите зборови, претставува “огромно меѓународно злосторство“.

Г-динот Милошевиќ истакна дека акциите што ги презела Србија биле одговор на бунтовништвото на другите етнички групи и на надворешните закани од исламските екстремисти кои ги искористиле тензиите во поранешна Југославија да поттикнат немири на Балканот.

Тој пред Трибуналот на ОН кажа дека илјадници Срби биле убиени или протерани од своите домови во Хрватска пред југословенската армија да преземе акција. Тој ова го нарече бунт против државата истакнувајќи дека државата има право да воспостави контрола врз бунтот.

Г-динот Милошевиќ го обвини судот за неправедност кон него и кон српскиот народ, велејќи дека судењето е со цел да се прикријат воените злосторства на НАТО на Косово.

Поранешниот лидер е обвинет по 60 основи за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото за време на балканските војни во 90-тите години во кои загинаа над 200 илјади лица.

Г-динот Милошевиќ сака да повика над 1.000 сведоци, вклучувајќи ги поранешниот претседател Бил Клинтон и британскиот премиер Тони Блер.

Поранешниот југословенски лидер има на располагање 150 дена за да ја прикаже својата страна на приказната. Доколку биде обвинет, тој би можел да се соочи со казна доживотен затвор. Обвинителите завршија со изложувањето на нивниот случај во јануари, откако беа сослушани над 290 сведоци.

Судиите мора допрва да одлучат дали да го отфрлат противењето на г-динот Милошевиќ и да назначат адвокат за поранешниот претседател, кој самиот се брани.

Г-динот Милошевиќ одвреме навреме страдаше од висок крвен притисок, настинка, и исцрпеност за време на судскиот процес, што беше причина за негово одложување.

XS
SM
MD
LG