Линкови за пристапност

Прорускиот кандидат Алу Алханов е нов претседател на Чеченија - 2004-08-30


Кандидатот поддржан од Кремљ за претседател на рускиот сепаратистички регион Чеченија победи на изборите, во чиј исход никогаш и немаше сомневања. Но, многу Чеченци изгледа дека сметаат оти овие избори малку ќе придонесат за ставање крај на долготрајниот конфликт за независност.

Како што се очекуваше, кандидатот поддржан од Москва победи на претседателските избори што минаа во сенка на насилствата во овој регион разорен од војни.

Алу Алханов е поранешен полицаец и сегашен министер за безбедност кој доби целосна поддршка од Кремљ. Единствениот кандидат кој се сметаше дека има шанса за победа беше дисквалификуван пред гласањето од технички причини.

Во главниот град на Чеченија, Грозни, претседателот на изборната комисија, Абдул-Керим Арсаканов, на новинарите им изјави дека според прелиминарните резултати, господинот Алханов добил над 73 проценти од гласовите.

Гласањето мина релативно мирно, но многу гласачки места останаа речиси празни заради стравувањата од можни напади на бунтовниците. Еден младич во Грозни се разнесол со експлозив откако полицијата го спречила да влезе на избирачко место.

Господинот Алханов доаѓа на местото на претседателот Акмед Кадиров, кој загина во бомбашки напад во мај.

Сепаратистичките бунтовници се заканија дека нивна цел ќе биде и новиот претседател, а изборите ги нарекоа метод на Москва за спроведување на својата волја во Чеченија.

И покрај заканата, господинот Алканов зборуваше за своите планови и рече дека ќе воспостави безбедност во Чеченија со “отстранување на бунтовниците на ѓубриштето на историјата“.

Политичкиот аналитичар Алексеј Малашенко од московскиот Карнеги Центар вели дека во секој случај, повеќето Чеченци сметаат дека нивниот нов лидер нема да може да ги промени работите.

„Мислам дека поголем дел од нацијата сметаат оти самиот Алканов не може ништо да подобри затоа што иако за целата ситуација ја обвинуваат Москва, можеби се надеваат деке нешто подобро може да дојде од Москва, а не од локалната администрација“, вели тој.

Изборите беа во сенка на судирот на два руски авиони минатата недела, при што загинаа 89 лица, а властите велат дека е можно да го извршиле бомбаши -самоубијци.

Истражителите најдоа траги од експлозив во остатоците на авионите на местото на судирот.

Тие сега трагаат по повеќе информации за две жени со чеченски презимиња кои биле во авионите, но роднините не ги побарале нивните посмртни останки.

XS
SM
MD
LG