Линкови за пристапност

Започна Републиканската национална конвенција - 2004-08-30


Еден ден по масовните протести пред Медисон Сквеар Гарден каде се одржува конвенцијата, републиканците започнаа со својата конвенција. За време на четиридневните средби, членовите на оваа партија и официјално ќе го номинираат Џорџ В. Буш за партиски кандидат на претседателските избори во ноември.

Денеска на овој собир свои обраќања ќе имаат поранешниот градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани, кој беше на чело на градот по нападите врз САД на 11 септември 2001. Поранешниот противник на г-динот Буш и негов сопартиец, сенаторот од Аризона Џон Мекејн исто така ќе се обрати пред делегатите. Г-динот Мекејн загуби од г-динот Буш на партиските предизбори пред четири години.

Сенаторот Мекејн во партијата е познат како човек кој не се плаши јавно да се спротистави на одреден став на Републиканците. Тој е мошне популарен меѓу независните гласачи, клучна група на која подеднакво целат и Републиканците и Демократите.

Во интервјуто за телевизијата Си-Би-Ес, сенаторот Мекејн кажа дека не се согласува со претседателот Буш по сите прашања, но дека целосно го поддржува.

„Го поддржувам претседателот Буш поради неговото предводење на нацијата во ова време на борба против теророт. Верувам дека САД успеаја да се ослободат од бројни непријатели ширум светот“, рече тој.

Илјадници припадници на обезбедувањето од преку 20 федерални, државни и локални агенции се мобилизирани да ја гарантираат безбедноста за време на конвенцијата во Њујорк. Властите велат дека и покрај турканиците, бројните пореметувања на секојдневните активности на локалните жители и зголемените трошоци, конвенцијата е добредојдена можност да се претстави флексибилноста на Њујорк по нападите од 11 септември.

XS
SM
MD
LG