Пред самиот почеток на Републиканската национална конвенција, десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на Менхетн да го здружат својот глас против администрацијата на Буш и војната во Ирак. Неколку десетици демонстранти - велосипедисти биле уапсени, но големото полициско присуство овозможило протестниот марш да мине воглавно мирно.
Собирот започна со говор на таткото на Ник Берг, 26-годишниот Американец, работник по договор во американската армија, кого ирачките киднапери го обезглавија во мај.
„Џорџ Буш мора да си замине. Тој ми го украде синот. Тој ги украде изборите. Тој ја украде нашата демократија. Тој ги има нашата слобода, нашата безбедност и нашиот мирен сон“, вели тој.
Многумина од демонстрантите бараа американските трупи да го напуштат Ирак.
„Ирак на Ирачаните. Вратете ги трупите дома“.
Некои носеа ковчези завиткани во американски знамиња, симболизирајќи ги загинатите војници на коалиционите сили во Ирак. Други носеа транспаренти со различни анти-Буш пораки. Некои својата порака ја носеа на облеката, како Заум Дертаулиан, Американка со ерменско потекло.
„Мојата маица вели 'Лагата број девет на Буш: Јас јавно ќе проговорам за ерменскиот геноцид извршен од Турците во 1915.' Го сторив тоа бидејќи Америка е земја на имигранти, украдена земја од домородците и бидејќи многу луѓе тука се од други места, ние треба да го балансираме информирањето за секоја поединечна борба за слобода во светот“, вели таа.
Пред демонстрациите, некои њујоршки весници објавија написи за можноста од анархистичкото насилство за време на маршот, кој беше организиран од групата Обединети за мир и правда, под која работат околу 800 различни организации.
Демонстрантот Џејсон Капур, кој е член на малата група наречена Коалиција за не-полициска држава, вели дека прочитал за себеси во весниците, но дека неговата група нема планови да создава проблеми.
„Ние сме една од таканаречените пет насилни групи за кои полицијата вели дека планирале напади, но се́ што правиме е да излеземе овде на Јунион Сквер и да ја промовираме слободата на говор“. рече тој.
Десетици илјади полицајци ги исполнија улиците на Њујорк и се распоредија по должина на патеката на маршот. Ева Бреиман е еден од демонстрантите, и таа вели дека е јасно дека полициските сили дошле подготвени за најлошото.
„Кога стигнав утрово од Бронкс, по целата десетта авенија имаше стотици и стотици полицајци, со палки и секаков вид на опрема“, додава таа.
Но многу од демонстрантите дошле само да се забавуваат, како на пример групата наречена Радикални навивачи.
Учесниците на маршот минаа низ Медисон Сквер Гарден и потоа се упатија назад кон центарот на градот. Неделниот марш беше најголем организиран собир против Републиканската национална конвенција, што започнува денеска во Њујорк, но многу други демонстрации се планирани за целава недела.