Линкови за пристапност

Заострените безбедносни мерки за влез во САД ќе важат и за посетителите од земјите на кои не им треба американска виза - 2004-08-18


Американските власти велат дека програмата што започна годинава за заострување на безбедноста во визниот режим за странци кои влегуваат во САД дала добри резултати и дека не се покажала како големо оптоварување за законските посетители. Од нова група на патници за САД наскоро ќе биде побарано да се вклучат во програмата.

Од јануари оваа година американските имиграциони власти процесирале над шест милиони патници на 115 аеродроми и 14 пристаништа, во рамки на она што е познато под името Американска визна програма, а со која од странците со визи се бара да употребат биометричка технологија за верификација на нивниот идентитет.

Американската Влада го одобри дигиталното земање на отпечатоци од прсти и фотографии како биометрика за идентификација на патниците и верификација на документите како визи и пасоши.

Новите мерки се резултат на зајакнатото обезбедување по терористичките напади врз САД на 11 септември.

Пред да се користи оваа технологија, само со биографските податоци, како што е името на посетителот, можеше да се провери списокот на осомничени терористи, криминалци и други на кои би им бил забранет влез во земјата.

Со употребата на биометрички идентификатори многу е потешко осомничените да го скријат својот вистински идентитет и нелегално да влезат во САД.

Американските власти велат дека со тоа исто така се заштитуваат легитимните посетители во случај да ги изгубат или ако им ги украдат патните исправи, така што никој друг не би можел да ги искористи.

Заменикот на помошникот на државниот секретар за конзуларни работи, Џенис Џејкобс, вели дека оваа програма има за цел да обебзеди да не биде попречувано патувањето на легитимните посетители на САД.

„Наша долгорочна цел е да имаме безбеден, предвидлив и прецизен безбедносен процес. Кон тоа тежнееме секој ден кога процесираме визи во странство или кога инспекторите им одобруваат влез на луѓето во САД на нашите гранични премини. На тоа секојдневно тесно соработуваме со Одделот за домашна безбедност. Формиравме многу силно партнерство и мислам дека системот што го поставивме по 11 септември 2001, многу добро функционира“, вели таа.

Почнувајќи од 30-ти септември оваа година, и од патниците од земјите на кои не им е потребна американска виза ќе се бараат отпечатоци на прсти и фотографии што ќе се снимаат при влезот во САД.

На повеќе од 13 милиони посетители од овие земји дозволено им е годишен престој до 90 дена службено или туристички, само со пасош.

Меѓу 27-те земји во оваа програма се многу европски држави како и Јапонија и Сингапур.

XS
SM
MD
LG