Линкови за пристапност

До средината на овој век на Земјата ќе живеат 9,3 милијарди луѓе - 2004-08-18


Бирото за популација предвидува дека бројот на населението во светот до средината на векот ќе достигне 9,3 милијарди, што е за 45 проценти повеќе од сегашните околу 6,4 милијарди луѓе на земјата. Ова ќе се случи и покрај падот на глобалната стапка на прираст, од над 5 деца на една жена во 50-тите години, сега опаднала на 2,8 и се очекува во следните години таа да се намали на 2,5.

Каде ќе има раст на популацијата? Демографот Карл Хауб вели:

„Ова се предвидувањата за развиените земји: во основа нема раст на популацијата. И запомнете дека единствената индуструијализирана земја во која ќе има пораст се САД, со што се спречува натамошно намалување на вкупните бројки. Кај речиси сите земји во развој ќе има зголемување на популацијата. Кај 99 проценти“.

За илустрација, г-динот Хауб посочува на две земји со целосно спротивни проекции за популацијата: Нигерија и Јапонија. Тој укажува дека денес, двете земји имаат сличен број на население- Нигерија 137 милиони, а Јапонија 128 милиони.

„Но доколку ги погледнеме предвидувањата за популацијата во обете земји, ќе видите дека Нигерија ќе биде трипати повеќе од она што е Јапонија“, истакнува г-динот Хауб.

До 2050 година, се очекува населението во Нигерија да достигне 307 милиони, додека предвидувањата за Јапонија се дека бројот на населението ќе опадне за 22 проценти, и тоа на 100 милиони луѓе.

Г-динот Хауб посочува дека стапките на прираст се уште повеќе различни во земјите во развој, при што во Тајланд на пример во моментов има 1,7 деца на една жена, за разлика од 8 деца на една жена во Нигер. Тој вели дека стапките на прираст во Африка веројатно ќе почнат да опаѓаат, како што ќе биде случај и насекаде во светот. Но тој признава дека е невозможно точно да се каже колку ќе опаднат и колку брзо тоа ќе се случи.

Но тој е сигурен во едно: дека разликите во однос на староста на популацијата меѓу индустријализираните земји и земјите во развој ќе продолжат да се зголемуваат, со тоа што населението во Европа и Северна Америка ќе „старее“, додека она во земјите во развој ќе се „подмладува“. Ова, вели тој, ќе има значајни економски последици врз иднината.

„Има реална промена во популацијата, не само во однос на бројноста и вкупната големина, туку и во однос на староста. Денес се повеќе младото население доаѓа од земјите во развој. Тоа се лица кои создаваат семејства-формираат домаќинства. Тие купуваат. Мислам дека таму ќе има поразвиени пазари“, вели тој.

Карл Хауб вели дека кога станува збор за тредовите во популацијата, САД се во посакувана позиција како резултат на нејзиното ниво на индустријализација. Тој вели дека додека во Јапонија и Германија стапката на прираст е под потребното ниво за одржување на популацијата од 1,3 во обете земји, во САД таа стапка е постојана и изнесува по две деца на една жена. Тој уште додава дека САД има корист од редовниот прилив на работоспособно население, благодарение на 1,3 милиони имигранти кои секоја година доаѓаат во САД. Се очекува американската популација до 2050 година да достигне 400 милиони.

XS
SM
MD
LG