Линкови за пристапност

Грчките атлетичари ги отфрлаат сомневањата за допинг - 2004-08-17


Двајцата грчки спринтери кои утре треба да бидат сослушани дали намерно го пропуштиле тестирањето за допинг минатата недела, беа отпуштени од болницата каде што беа лекувани заради лесните повреди од мистериозната обраќајна несреќа со моторцикл. Роџер Вилкинсон известува дека приказната за двајцата главни грчки надежи за освојување на медали и натаму го потресува домаќинот на Олимпијадата.

Двајцата спортисти, шампионот во трчање на 200 метри, Костас Кентерис и неговиот партнер за тренинзи, Катерина Тану која е носител на сребрениот медал во спринт на 100 метри за жени, посебно заминаа од болницата и ветија дека ќе се борат против обвиненијата за допинг.

Кентерис демантираше дека користел некакви забранети супстанци и рече дека е жртва на голема неправда.

Тану на новинарите им изјави дека е тажна заради аферата и вети дека ќе се бори за својата репутација.

Дисциплинските сослушувања на Меѓународниот Олимписки комитет за тоа зошто двојката го пропуштила тестирањето за допинг, веќе два пати беа одложувани затоа што атлетичарите велеа дека биле многу повредени. Тие беа примени во болница во петокот откако не се појавиле на тестирањето.

Главниот обвинител на Атина започна истрага за сообраќајката со моторцикл за да се открие дали била обид на атлетичарите и на нивниот тренер да се извлечат од тоа што не се појавиле на тестот за допинг.

Овој инцидент за малку ќе ја засенеше церемонијата на отворањето на Олимписките Игри во петокот и посрамоти и загрижи многу Грци, кои сега ги сметаат двете тркачки ѕвезди за паднати херои.

Портпаролот на Владата, Теодорос Русопулос кажа дека случајот на двајцата спринтери, според неговите зборови, ја потресол Грција во корен. Тој за новинарите преку преведувач изјави дека овој случај веќе треба да биде затворен.

“Доколку раната е отворена треба колку што е можно побрзо да се затвори. Во спротивно се создаваат повеќе проблеми и лош имиџ за Грција, во овој случај и на меѓународно ниво“, изјави господинот Русопулос.

Но господинот Русопулос рече дека тоа е во надлежност на Меѓународниот Олимписки Комитет и на Грчкиот Олимписки Комитет, кој привремено ги суспендираше двајцата спортисти од националната репрезентација, додека го решава овој случај.

Ако истражителите на Меѓународниот Олимписки Комитет откријат дека двете спротски ѕвезди намерно го избегнале тестирањето за допинг, тогаш ќе им биде забрането да се натпреваруваат, на што нивните адвокати најавија дека ќе се жалат. Специјалната комисија ќе има рок од 24 часа да ја разгледа жалбата и нивната судбина ќе биде одлучена непосредно пред почетокот на трките в петок.

XS
SM
MD
LG