Линкови за пристапност

Реакција на Германија за најавите за повлекување на американски трупи - 2004-08-17


Американските планови за повлекување на 30.000 војници од Германија, според портпаролот на германската влада, се знак за промена на меѓународните услови. Тој вели дека овој чекор не е изненадување. Но лидерите во регионот велат дека сo повлекувањето на трупите ќе им биде нанесена штета на нивните економии. Известува Даглас Бекшан.

Германската влада вели дека овој чекор е разбирлив, измајќи ја предвид американската загриженост за безбедноста. Карст Фогт, координатор за германско -американските односи во Берлин, вели дека и покрај промените Германија и натаму ќе биде стратешка локација за американските трупи.

“Ние сакаме во Германија да има американски трупи, но од друга страна сфаќаме дека американската влада ги прераспоредува своите сили. И како дел од тоа, се намалува и бројот на американските сили распоредени во Германија. Ние сме среќни што во иднина Германија и натаму ќе биде место во Европа каде што ќе бидат распоредени најголем број сили“, вели господинот Војт.

Претседателот Буш во понеделникот ги објави плановите за враќање на околу 70.000 војници од Европа и Азија во следните 10 години. Претставници на американската одбрана велат дека од Германија ќе бидат повлечени околу 30.000 трупи.

Американските војници се стационирани во Германија над половина век. Г-динот Фогт вели дека нивното присуство е успешно поглавје од германско-американските односи.

“Односите меѓу локалните заедници и американските трупи беа многу блиски и ние секогаш мислевме дека американските трупи се чувствуваат удобно за време на престојот во Германија. Но исто така, кога се враќаа дома во САД, тие беа и добри амбасадори за нова, модерна, и демократска Германија“, вели господинот Војт.

Градоначалниците, лидерите на заедниците и бизнис групите во јужна Германија каде што беа распоредни најголем дел од американските трупи велат дека нивните економии ќе претрпат штети со затворањето на работните места за локалното население и поради тоа што заедно со војниcите ќе си заминат и голем број од нивните семејства. Премиерот на Баварија Едмунд Штојбер, чиј регион е сериозно погоден од ваквата одлука, побарал федерална помош.

Пентагон на почеткот на годинава ги известил германските претставници дека ја разгледува можноста за повлекување на армиските единици од Германија и нивна замена со помали и помобилни сили.

XS
SM
MD
LG