Линкови за пристапност

Со прераспоредувањето се модернизираат американските сили - 2004-08-17


Американските претставници на одбраната велат дека планот на претседателот Буш за прегрупирање на американските воени сили во странство има за цел тие да бидат во подобра позиција за да реагираат на потенцијални конфликти и закани од тероризам. За да се стори тоа, десетици илјади американски војници ќе се вратат дома од Европа, додека стотици американски воени објекти во странство ќе бидат затворени во рамките на она што експертите го нарекуваат најголемо американско воено прегрупирање по крајот на Втората светска војна.

Над 230 илјади американски војници се наоѓаат во базите во странство, главно во Германија, Јапонија и Јужна Кореја. Сега, по повеќе од една деценија од крајот на Студената војна, Пентагон планира да врати речиси 70 илјади од нив, заедно со околу 100 илјади членови на нивните семејства и цивили кои работат за армијата.

Целта е да се подобрат американските воени способности за одговор на новите закани од тероризам и регионални конфликти, како и надминување на позициите од Студената војна, кои беа наменети за заканата што тогаш ја претставуваше Советскиот Сојуз.

“Тие се обидуваат да најдат позиции за силите на начин на кој поенергично и побрзо ќе реагираат во клучните области кои се потенцијални жаришта во светот“, вели Џон Робинсон е уредник во весникот "Defense Daily".

“Многу од овие работи се навистина теоретски и одамна задоцнети. На пример, зошто Морнарицата на САД има седиште во Лондон? Ова веќе не е Втората светска војна. Нема никаква смисла главното седиште да биде во Лондон. Треба да биде преместено некаде поблиску до Медитеранот, како Неапол, каде што се испраќа“, вели господинот Робинсон.

Германија е една од областите од каде што Пентагон има намера да замени илјадници трупи од две армиски дивизии со многу помала бригада, која помалку ќе се потпира на застарена опрема и ќе биде способна побрзо да реагира на конфликти во Европа и пошироко.

Секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд долго време докажува дека способностите се поважни од бројноста, мислејќи притоа дека во идни конфликти, сили за брза реакција опремени со технологија од 21-от век ќе бидат поважни отколку бројот на трупите кои се распоредуваат.

Ова е повторно Џон Робинсон од "Defense Daily".

“Доктрината на Рамсфелд се однесува на многу од овие земји домаќини, да се донесат сили што ќе останат 30, 60 дена, ќе изведат воена вежба или некаква итна мисија, и да се вратат“.

Одбранбените аналитичари велат дека уште еден проблем влијае на одлуките на Пентагон за распоредување, а тоа се ограничувањата на движењето и активностите на американските сили што ги поставуваат земјите домаќини. За тоа секретарот Рамсфелд зборуваше со новинарите додека се враќаше од посетата на Русија.

Господинот Рамсфелд вели дека би сакале американските сили да бидат онаму каде што се добредојдени, да имаат законски договори како СОФА.

Првите војници од Германија се очекува да се вратат најрано кон крајот на идната година, а вкупното воено прегрупирање може да трае повеќе од една деценија. Во странство има над пет илјади американски воени објекти, а еден висок претставник на одбраната вели дека многу од нив се остатоци од студената војна и веќе не се потребни.

Администрацијата на Буш е во интензивни консултации со американските сојузници за плановите за прегрупирање на своите сили. Иако се уште нема официјални реакции на овој предлог, локалните германски лидери изразуваат загриженост од последиците врз економијата од намалувањето на американските трупи.

XS
SM
MD
LG