Линкови за пристапност

Северна Кореја соопшти дека нема да учествува на работниот состанок за програмата за нуклеарно оружје - 2004-08-16


Северна Кореја вели дека, цитираме, „непријателските акти“ на САД се причина Пјонгјанг да не учествува во следната рунда на подготвителни средби во Пекинг, чија цел е решавање на ќорсокакот за нејзината нуклеарна програма.

Во изјавата што ја објави државната новинска агенција на Севрена Кореја, претставник на Министерството за надворешни работи вели дека овие акти, кои не се наведени, ја спречуваат Северна Кореја да ги замрзне своите нуклеарни објекти.

Аналитичарите како Ли Мјон-ву од Институтот Сеџонг во Сеул, очекуваа Северна Кореја да ја одложи следната рунда преговори до завршувањето на претседателските избори во ноември, во случај претседателот Буш да изгуби, а неговиот наследник да биде попријателски расположен кон Пјонгјанг.

„Нивното основно прашање не е променето. Тие на некој начин одложуваат до крајот на изборите“, изјави овој аналитичар.

Шесте држави кои учествуваат во разговорите оваа недела требаше да испратат делегации на работно ниво во Пекинг за да ја подготват четвртата рунда на преговори.

Од трите рунди преговори чиј домаќин беше Кина досега имаше малку резултати кон решавање на спорот меѓу Пјонгјанг, неговите соседи и Вашингтон.

Северна Кореја признава дека оперира со програма за нуклеарно оружје базирана на плутониум. Вашингтон вели дека Северна Кореја исто така има таен проект за ураниум, кој Пјонгјанг го негира. Двете програми би претставувале кршење на меѓународните спогодби што ги потпишала Северна Кореја.

Австралискиот министер за надворешни работи се наоѓа во посета на Пекинг, од каде што ќе отпатува во Северна Кореја за да се обиде да го убеди Пјонгјанг да ги напушти своите нуклеарни амбиции.

XS
SM
MD
LG