Линкови за пристапност

Претседателот Буш соопшти дека десетици илјади американски трупи од Европа и Азија ќе бидат прераспоредени во други бази - 2004-08-16


Претседателот Буш вели дека армијата се менува и се соочува со нови предизвици.

Тој рече дека во текот на следната деценија, ќе бидат распоредени побрзи и пофлексибилни сили. Според него, овие сили ќе бидат разместени главно во САД.

„Иако нашето присуство во странство и натаму е значително, според планот што го објавувам денеска, во следните 10 години, ние ќе вратиме дома околу 60 до 70 илјади униформиран персонал“, рече претседателот.

Тој кажа и дека во САД ќе бидат вратени и околу 100.000 лица, цивилен помошен персонал и членови на семејствата на воените лица.

„Припадниците на нашата армија ќе служат повеќе на домашен терен, нивната кариера ќе добие попредвидлив тек со тоа што ќе бидат соочени со помалку разместувања“, рече тој.

Претседателот Буш овој план го објави во говорот во клучната федерална држава за изборите, Охајо, пред најголемата организација на ветераните во земјата. На Годишната конвенција на воените ветерани од странските војни во Синсинати, тој кажа дека веќе не е потребно да се има толку голем број американски трупи во областите каде што се воделе војни минатиот век.

„Светот во голема мерка се промени и со тоа мора да се промени и нашата разместеност - за доброто на семејствата на нашиот воен персонал и за доброто на нашите даночни обврзници, така што ќе можеме да бидеме поефикасни во планирањето на нашата сила и ширењето на слободата и мирот“, истакна господинот Буш.

Претседателот не спомена конкретно за кои земји се работи, иако има силни сигнали дека администрацијата сака намалување на бројот на трупите во Германија и Јужна Кореја. Официјални лица исто така индицираа дека иако многу од воениот персонал ќе биде вратен дома, сепак ќе има нови распоредувања во Источна Европа.

Планот е резултат на опширна ревизија на националната одбранбена политка која беше објавена набрзо по изборот на г-динот Буш на претседателската функција. Помошниците во Белата куќа инсистираат дека не е предвидено обезбедување на дополнителни трупи за воените операции во Ирак. Но претседателот без сомнение рече дека новата реалност на војната против тероризмот се одразила врз донесувањето на одлуките.

„Новиот план ќе ни помогне да се бориме и да победиме во овие војни на 21 век. Тој ќе ги зајакне нашите сојузништва во светот, додека градиме нови партнерства за заштита на мирот“, рече Буш.

Во изборни години, претседателските кандидати традиционално ја посетуваат конвенцијата на воените ветерани од странските војни. Освен тоа што претседателот ја искористи оваа прилика да ги објави плановите за воено прераспоредување, останатиот дел од неговиот говор беше сличен со она што го кажува во текот на кампањата.

Советниците на претседателскиот кандидат на демократите Џон Кери веднаш го критикуваат планот на претседателот. Сенаторот Кери денеска ќе се обрати на конвенцијата на воените ветерани од странските војни.

XS
SM
MD
LG