Линкови за пристапност

Хашкиот суд ги отфрла наводите на адвокатот Игњат Панчевски - 2004-08-12


Meѓународниот суд за воени злосторства за поранешна Југославија го оценува како шпекулација тврдењето на адвокатот Игњат Панчевски дека поедини високи функционери на Хашкиот трибунал и НАТО во последно време во Македонија на недозволен начин и со недозволени средства се обидуваат да обезбедат докази и сведоци во врска со истрагата за случајот Љуботен.

Антон Никифоров, специјален советник на обвинителот на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, за Гласот на Америка на македонски јазик ги отфрли наводите дека Хашкиот трибунал се обидува да обезбеди лажни докази и лажни сведоци за случајот Љуботен.

„Ова не е првпат да слушаме такви изјави. Дефинитивно, ова се шпекулации. Никогаш не бараме од некого, сведоци или осомничеnи, да даваат лажни изјави. Ги прашуваме за конкретни факти, за конретни настани и инциденти. Истрагата за која разговараме е во тек и коинцидира со присуството на нашите истражители во Скопје кои овие денови земаат изјави, но овие изјави се нормална работа во која и да е́ истрага што ја спроведуваме. Значи, нема ништо спектакуларно во врска со тоа“, кажа Антон Никифоров.

Во врска со тврдењето на лицето од видео-снимката презентирана на вчерашната прес-конференција на адвокатот Игњат Панчевски, дека главниот јавен обвинител на Хашкиот трибунал Карла дел Понте до 25 август ќе пристигне со готово обвинение против поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски во врска со „случајот Љуботен“, господин Никифоров вели: „Ова само ми помага да ја потврдам невистинитоста на дадениот исказ, бидејќи никогаш немало планови обвинителот да го посети Скопје во август, септември или октомври. Сега засега нема такви планови, ниту биле правени. Тоа само покажува дека исказот не е точен. И, да повторам уште еднаш – никогаш не ги присилуваме сведоците да дадат каква и да е́ изјава против својата волја, туку само ги прашуваме за инцидентите што се случиле“.

Истрагата во случајот Љуботен и останатите од Македонија во надлежност на Хашкиот трибунал се во тек, и Трибуналот не може да коментира за истраги што се́ уште се во тек, вели Антон Никифоров. За временската одредница кога резултите од истрагата ќе бидат објавени во јавноста, специјалниот советник на обвинителот на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија рече: „Во секој случај, тие ќе бидат завршени до крајот на оваа година, или дури порано. Кога точно – не можам да ви кажам, бидејќи тоа зависи од доказите“.

Од своја страна, адвокатот Игњат Панчевски на вчерашната прес-конференција најави дека наскоро ќе ги објави имињата на лицата кои тој ги застапува, како и на оние што се вмешани во наводното констурирање на случајот, доколку, како што кажа, „биде покренато обвинение за кое било лице од Македонија во врска со овој случај“.

XS
SM
MD
LG