Претседателот Буш даде зелено светло за формирање на нова функција – директор на национално разузнавање, како дел од пошироките реформи на американското разузнавање. Како што е познато, функцијата беше една од клучните препораки на двопартиската комисија што ги истражуваше нападите врз САД во 2001-та.
Помалку од две недели откако комисијата го објави својот извештај, претседателот Буш ги прифати нејзините главни препораки – креирање на позицијата директор за национално разузнавање и отворање на национален центар за контратероризам што ќе ги анализира и координира разузнавачките информации.
“Сите овие реформи имаат единствена цел – ќе обезбедиме дека владините претставници одговорни за одбраната на Америка и борбата против тероризмот ќе ја имаат најдобрата информација за да донесат најдобри одлуки“, изјави американскиот претседател.
Приоритет е да се координира работата на преку десетте разни разузнавачки ентитети во состав на американската Влада. Претседателот Буш смета дека назначувањето на една личност што ќе биде одговорна за сите разузнавачки операции е важен чекор напред.
“Директорот за национално разузнавање ќе биде главен советник на претседателот од областа на разузнавањето и ќе ја надгледува и координира работата на странските и домашните разузнавачки активности“,рече господинот Буш.
Идејата не беше топло примена од оние кои ќе го загубат своето влијание со оваа реорганизација, а постојат индикации дека и одредени претставници од Белата куќа не биле најзадоволни од предлогот. Но, јавниот притисок врз претседателот да одговори на извештајот на Комисијата беше голем и тој рече дека на крајот сметал дека ќе биде мудро да ја креира новата позиција – директор за национално разузнавање, иако со одредени измени.
Комисијата предлагаше оваа позиција да биде дел од кабинетот на претседателот, но г-динот Буш вели дека не сака таа да биде врзана за Белата куќа, подвлекувајќи ја потребата дека позицијата мора да биде независна и ослободена од политички притисок.
Г-динот Буш ја отфли и критиката од претседателскиот кандидат од Деморкатската партија Џон Кери, кој изјави дека би ги продолжил активностите на Комисијата, со цел таа да ја набљудува имплементацијата на своите препораки. Г-динот Кери ја обвини администрацијата на Буш дека губела време со тоа што чекала премногу да спроведе реформи во американското разузнавање по нападите од 11-ти септември. Претседателот Буш, пак, тврди дека реформите веќе биле во тек кога комисијата го објави својот завршен извештај.