Линкови за пристапност

Одделот за домашна безбедност го покачи нивото на тревога од терористички напади врз клучни финансиски институции во Њујорк и Вашингтон  - 2004-08-02


Директорот на Одделот за домашна безбедност Том Риџ вели дека повеќекратни извори на разузнавачки информации, добиени во текот на минатите два дена, укажуваат на зголемена терористичка закана.

„Разузнавачките податоци даваат мошне конкретно ниво на детали. Ова е ретко виден квалитет на разузнавачките информации, што се заснова на повеќекратни извори од повеќекратни локации. Тие информации се алармантни и во однос на нивната количина, и во однос на конкретноста“, истакна Риџ.

Ал-Каида, вели Том Риџ, цели на неколку згради, меѓу кои и Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон, њујоршката берза и компанијата Ситигруп, како и зградата на компанијата „Пруденшал Фајненшал“ во северен Њу Џерси. Нивото на предострожност само за овие објекти сега е подигнато на портокалово, или високо, што е на само едно место пред највисокото, или црвено, според скалата на Одделот за безбедност, кодирана во бои.

Првиот човек на Одделот за домашна безбедност побара од граѓаните да бидат повнимателни на сомнителни дејствија во нивна близина во наредните недели.

„Тоа што знаеме каде, но не и точно кога, автоматски не значи дека не можеме да преземе превентивни мерки. Напротив“, вели господинот Риџ.

Полицијата веќе добила директиви да внимава на потенцијални камиони-бомби или пак хемиски агенси што би можеле да се вметнат во вентилациони системи.

Како што е познато, Вашингтон и Њујорк беа примарна цел на нападите на 11 септември 2001-ва, во кои загинаа речиси три илјади лица.

XS
SM
MD
LG