Линкови за пристапност

Според американските конгресмени најновото подигање на нивото на тревога од терористички напади е соодветно  - 2004-08-02


Републиканскиот сенатор Мич Меконели од Кентаки вели дека никој не треба да биде изненаден од тоа што американските градови и натаму се цел на терористите. Господинот Меконели, кој е член на сенатските комисии за распределба на финансиите и за домашна безбедност, вчера за Си-Ен-Ен изјави:

„Знаеме дека терористите сакаат повторно да не́ нападнат. Сите сме свесни дека Вашингтон и Њујорк, по се изгледа, се најпосакувани цели од нивна гледна точка. Тие не би сакале ништо повеќе отколку овторно да ги нападнат САД, особено пред изборите во ноември“, вели сенаторот Меконели.

Сенаторот на Демократите, Џо Либерман од Конетикат се согласува со тоа. Исто така гостувајќи на Си-Ен-Ен, тој повика Американците да не се опуштат во лажно чувство на безбедност заради фактот дека немало терористички напади во САД по 11 септември 2001.

„Најновото предупредување не́ потсетува дека сме во војна. Му благодариме на Бога што не бевме нападнати по 11 септември. Но, никогаш не треба да заборавиме дека Ал-Каида го нападна Светскиот трговски центар со камион бомба во 1993-та, а осум години подоцна повторно го нападна со авиони. Обрнувам внимание на тоа дека една од целите што не ја погодија во 2001 беше Капитол или Белата куќа. Мораме повеќе да се заштитиме и затоа, дури и во оваа политичка сезона пред изборите, мора да се здружиме за да ја уништиме Ал-Каида, да допреме до Блискиот Исток и да ја завршиме војната во Ирак против терористите“, истакна господинот Либерман.

Но, не сите и́ веруваат сите на администрацијата на Буш.

Зголеменото ниво на тревога уследи само неколку дена по завршувањето на националната конвенција на Демократската партија во Бостон, четири недели пред националната конвенција на Републиканците во Њујорк и три месеци пред општите избори во ноември во САД. Поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин, кој му беше противкандидат на сенаторот Џон Кери на предизборите за претседателската номинација на Демократите, вели:

„Претседателот ја заснова неговата политичка кампања на претставата дека треба да биде повторно избран затоа што тероризамот е опасност и му докажува на американскиот народ дека - “Јас сум едниствената личност што може да ве извлече од тоа“. Затоа, секако дека ова е политика. Дали сметам дека ова предупредување од тероризам е фабрикувано? Не, се разбира дека не верувам во тоа. Но, мислам дека има политика, и прашањето е, колку е од сето ова е политика, а колку е вистинска закана?“, вели Дин.

На ова реагираше претседавачот на изборниот штаб на Буш, Марк Раско, кој рече дека е неосновано и штетно да се обвинува владата дека дозволува политиката да се вмеша во одлуките за националната безбедност. Тој додаде дека е уверен оти властите прават се што е во човечка моќ за јавната безбедност на национално ниво, вклучувајќи го и обезбедувањето на претстојната национална конвенција на републиканците во Њујорк.

XS
SM
MD
LG