Линкови за пристапност

Џон Кери:  Треба да направиме Америка повторно да биде светилник во светот - 2004-07-30


„Во името на сите кои веруваат дека најдобрите денови се пред нас, ја прифаќам вашата номинација за претседател на Соединетите Американски Држави“, рече сенаторот Џон Кери во досега најважниот говор од неговиот живот.

Речиси половина од времето тој посвети на националната безбедност и притоа рече: „Треба уште еднаш да ја направиме Америка да биде светилник во светот. Ја бранев оваа земја како млад човек и ќе ја бранам како претседател, и нека биде јасно – никогаш нема да се двоумам да употребам сила кога тоа ќе биде потребно“.

Останувајќи доследен на претходните изјави дека овие избори не се за напад врз републиканците туку за иднината на земјата, Кери кажа: „Четири години слушавме многу за вредностите. Но, вредности без акции се само слогани. Вредностите не се само зборови. Тие се она според кое живееме. Тие се во врска со каузите што ги имаме и за луѓето кои се бориме. И, време е оние кои зборуваат за вредностите на семејството да почнат да ги вреднуваат семејствата“. Така, сенаторот Кери премина на темите што ги слушавме цела оваа недела: од работни места, до здравствена заштита за поголем број граѓани, ослободување од зависноста од странска нафта, па се́ до враќање на даноците за богатите – се́ со цел, како што рече тој, да се спаси средната класа, која се́ повеќе се намалува и оди во подолната категорија.

Посебно интересен момент беше што виетнамскиот ветеран Џон Кери беше претставен од друг ветеран кој во Виетнам ги загубил двете нозе и едната рака – Макс Клиланд. Тој беше почитуван сенатор од федералната држава Џорџија, кој подоцна го загуби реизборот во особено негативна кампања, во која републиканците го обвинија дека не е патриот. Неговото почесно место на оваа конвенција беше поречито од зборови.

Со спуштањето на стоте илјади балони, конвенцијата во Бостон заврши. Триесет и петте илјади гости заминуваат дома, а кампањата на Кери продолжува со нови 75 милиони долари федерални пари, кои тој автоматски ги доби со добивањето на претседателската номинација од Демократската партија.

XS
SM
MD
LG