Пакистанската влада го осуди убиството на двајцата пакистански државјани од страна на ирачките милитанти, нарекувајќи го хуманитарно и верско злосторство. Властите се противат и на тврдењето на милитантите дека Пакистан планира да испрати трупи во Ирак.
Во денешната изјава пакистанскиот претседател Первез Мушараф изрази шокираност заради убиството на Пакистанците, нарекувајќи го злосторство против исламот и човештвото.
На видео-лента објавена во понеделникот, милитантите во Ирак соопштија дека го киднапирале возачот на камиони Сајад Наем и инженерот Раџа Азад Кан кои работеле за кувајтска компанија.
На втората видео-лента, објавена доцна синоќа, наводно е прикажано погубувањето на заложниците, со изјава на милитантие дека жртвите биле американски шпиони и дека Пакистан планирал да испрати свои трупи во Ирак.
Зборувајќи пред Националното Собрание во Исламабад, пакистанскиот министер за надворешни работи, Куршид Касури истакна дека тврдењето на милитантите за ваквите планови на Пакистан е погрешно.
“Пакистан нема донесено одлука да испрати свои трупи во Ирак. Навистина е многу жално и покрај сите барања и гаранции, грабнувачите да се одлучат на вакво грозоморно убиство на двајцата невини Пакистанци“, изјави министерот Касури.
Саудиска Арабија неделава предложи муслиманските земји да испратат свои трупи во Ирак, за да придонесат во безбедноста на земјата.
Но Пакистан рече дека ќе испрати свои трупи само со мандат на ОН и пакистанското Министерство за надворешни работи во понеделникот додаде дека во блиска иднина нема да работи на вакви планови.
На изјавата на г-динот Касури, реагираше опозицијата во пакистанското собрание, повикувајќи ја владата никогаш да не испраќа војници во Ирак.
Некои членови на опозицијата тврдат дека актуелната про-американска надворешна политика на Пакистан е делумно виновна за лутината на ирачките милитанти спрема оваа земја.