Линкови за пристапност

Хавиер Солана ги повика САД посериозно да ја сфаќаат ЕУ за прашања како Ирак - 2004-07-28


На годишниот состанок на унгарските амбасадори и други функционери, господинот Солана, без да ги спомене САД, сугерираше дека големата воена сила се чини дека во моментов е дистанцирана од меѓународната заедница.

Солана рече дека во борбата против тероризмот што започна на 11 септември 2001 година со терористичките напади во САД не може да се извојува победа само со воена сила.

„Мислам дека големите проблеми во светот денес не можат да се решат со воена сила. Доколку мислите дека тероризмот ќе биде поразен со воена акција, тогаш грешите. Бидејќи тероризмот нема да биде поразен само со воена акција, туку со размена на разузнавачки информации и соработка со земјите истомисленици“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ.

Г-динот Солана кажа дека САД треба да сфатат дека иако постојат несогласувања во однос на Ирак, Европејците се меѓу првите кои извршувале мировнички операции во Авганистан, по соборувањето на Талебанскиот режим, кој даваше поддршка на терористичката организација предводена од Осама бин Ладен.

Шефот за надворешна политика на ЕУ додаде дека Унијата и натаму е загрижена за политиката на Америка во однос на некои домашни прашања и непочитувањето на меѓународното право.

„Не се согласуваме во однос на смртната казна. Не се согласуваме во однос на Меѓународниот трибунал. Не се согласуваме во врска со сите работи поврзани со мултилатерализмот, во кој ние веруваме, а тие помалку веруваат. И до извесна мерка, големата воена сила веројатно мисли дека не е неопходно да постојат опшетства базирани на правила. Но ние веруваме дека ваквите општества се од фундаментално значање“, рече Солана.

Ова, г-динот Солана го изјави неколку часа откако американскиот државен секретар Колин Пауел на истиот состанок кажа дека е свесен оти јавното мислење во Европа не е многу наклонето кон надворешната политика на администрацијата на претседателот Буш.

Но, г-динот Пауел предвиде дека расположението во Европа ќе се промени откако во Ирак ќе се воспостави демократија и откако ќе се одржат избори.

Шефот за надворешна политика на ЕУ Солана посочи друг начин за подобрување на трансатлантските односи, а тоа е кога Вашингтон ќе почне посериозно да ја сфаќа Унијата составена од 25 земји.

Г-динот Солана истана дека ЕУ, која е најголемиот пазар во светот, може да се натпреварува со Америка во неколку области.

„Ние сакаме да продолжиме да бидеме конкуренти во областа на хуманитарната помош. Сакаме да продолжиме да бидеме конкуренти и да соработуваме во областа на трговијата“, изјави господинот Солана.

Тој кажа дека е време лидерите на САД и ЕУ да сфатат дека меѓусебно си се потребни повеќе од кога и да е досега.

XS
SM
MD
LG