Линкови за пристапност

Започна националната конвенција на Демократската партија - 2004-07-27


Поранешниот претседател Бил Клинтон беше главна ѕвезда на отворањето на 44-тата по ред национална конвенција на Демократската партија. Тој повеќепати за време на своето обраќање ги подигна на нозе делегатите, повикувајќи ги гласачите да му ги отворат вратите на Белата куќа на сенаторот Џон Кери.

„Ние демократите оваа година ќе им пружиме на Американците позитивна кампања, не спорејќи околу тоа кој е добар или лош, туку кој е најсигурниот начин да се изгради безбеден и просперитетен свет што нашите деца го заслужуваат“, кажа Бил Клинтон.

Тој сепак не се откажа целосно од критика кон претседателот Буш и неговата влада, велејќи дека републиканците на власт посакуваат поделена нација и дека поддржуваат политика од која корист имаат само богатите Американци.

На конвенцијата говореше уште еден поранешен претседател – Џими Картер, кој нагласи дека од политиката на Буш настрадала американската репутација во светот.

„САД ги отуѓија сојузниците, ги вџашија пријателите и поради невнимание ги задоволија своите непријатели со тоа што објавија конфузна и вознемирувачка стратегија за војна од предострожност. Во време кога сојузниците не се обединети, светот не́ презира, а Блискиот Исток е во пламен, ни треба Џон Кери за да ја врати ситуацијата во нормала во глобалната војна против тероризмот“ рече Џими Картер.

Сепак, можеби најотровните стрели ги упати поранешниот потпретседател, а потоа и претседателски кандидат Ал Гор: „Треба да бидеме кристално јасни за заканата од тероризмот со која се соочуваме. Тероризмот е убиствен, реален и претстоечки. Но, за да ги заштитиме нашите луѓе, зарем не треба да се насочиме на вистинскиот извор на заканата, организацијата што не́ нападна и се обидува повторно да не́ нападне – Ал Каида на чело со Осама бин Ладен? Зарем не би било побезбедно со претседател кој не би инсистирал на тоа да се меша Ал-Каида со Ирак. Нели тоа одвлекува премногу од нашето внимание од главната закана?“

Партиски претставници велат дека говорниците намерно избегнувале жестока критика кон претседателот Буш за време на првиот ден на конвенцијата. Изборниот штаб на сенаторот Кери инсистира дека сака од овој партиски собир да произлезе позитивна порака, со тоа што на гласачите ќе им се укаже дека тој има забележителна воена служба и ќе им се гарантира дека тој може да ја поправи претставата за САД во странство. Целта на оптимистичката порака е да се придобие малиот процент на гласачи кои и натаму се неопределени. Доколку трката за претседател продолжи да биде неизвесна како сега, тогаш тој број на гласачи може да одлучи кој ќе биде новиот станар во Белата куќа.

XS
SM
MD
LG