Линкови за пристапност

Хјуман Рајтс Воч ги критикува НАТО и ОН за ситуацијата на Косово - 2004-07-26


Хјуман Рајтс Воч ги критикува НАТО и ОН затоа што не успеале да ги заштитат малцинствата на Косово за време на етничките нереди во март оваа година. Ова, меѓу другото се наведува во деталниот извештај за овие настани, што вчера го објави оваа група за заштита на човековите права со седиште во Њујорк.

Хјуман Рајтс Воч заклучува дека меѓународните сили на Косово “катастрофално“ не успеале да ги заштитат малцинските заедници. Затоа сметаат дека заштитата на малцинствата ќе биде и главен предизвик на новиот администратор на ОН за Косово, Сорен Јесен Петерсен, кој ќе ја преземе оваа функција на 3-ти август.

Во извештајот на 66 страници се опишуваат нападите врз Срби, Роми и други малцинства на Косово на 17 и 18 март.

Хјуман Рајтс Воч вели дека Србите биле оставени во немилост на толпите етнички Албанци.

“Ова беше најголем безбедносен испит за НАТО и за ОН на Косово од 1999 година наваму, кога малцинствата беа протерани од своите домови додека меѓународната заедница го гледаше сето тоа“, изјави Рајчел Денберг, извршен директор на оваа органзиација за Европа и Централна Азија.

Таа кажа дека “меѓународната заедница не го положила испитот. Во многу случаи мировниците на НАТО ги заклучиле вратите на своите бази и гледале како горат куќите на Србите“, додава госпоѓа Денбер.

Инаку, на 17 март за 48 часа на Косово избувнаа 33 нереди, во кои се проценува дека учествувале околу 51 илјада демонстранти. Во насилствата загинаа 19 лица, а околу 4.100 припадници на малцинствата беа истерани од своите домови. Хјуман Рајтс Воч во извештајот наведува дека протестите биле и спонтани и организирани.

Оваа група за заштита на човековите права смета дека мартовските насилства се аларм за НАТО и ОН и дека со реторика не се заштитуваат малцинствата, ниту се создава мултиетничко Косово. Затоа Хуман Рајтс Воч бара реформи на меѓународните безбедносни сили.

Притоа повикува на целосно, независно преиспитување на постапките на КФОР, на полицијата на УНМИК и на локалната Косовска полициска служба за време на мартовските насилства. Во извештајот се препорачува и обука и опрема против нереди, како и поцентрализирана команда за КФОР.

Меѓународната заедница ги негира своите грешки на Косово. Мировниците на НАТО велат дека работеле на стабилизирање на ситуацијата и дека спасиле животи. Мисијата на ОН на Косово, пак, соопшти дека извештајот на Хјуман Рајтс Воч не одразува со колкави предизвици се соочуваат безбедносните сили.

XS
SM
MD
LG