Линкови за пристапност

Израел: Вануну знае многу повеќе за нуклеарната програма, отколку што досега кажал  - 2004-07-26


Израелскиот Врховен суд донесе одлука дека Мордекај Вануну, кој ја разоткри тајната нуклеарна програма на оваа земја, и натаму претставува опасност за националната безбедност и дека не смее да му се дозволи повеќе слобода. Ова одлука уследи по жалбата поради рестрикциите врз слободата на овој поранешен вработен во израелски таен нуклеарен објект, кој во почетокот на годинава беше ослободен од затвор.

Израелскиот Врховен суд соопшти дека ги прифаќа тврдењата на службата за безбедност дека Вануну знае многу повеќе за тајната нуклеарна програма отколку што кажал.

Судот смета дека доколку се укинат сегашните ограничувања на неговото движење и говор, тој ќе објави други информации.

Комисијата од тројца судии ја донесе оваа пресуда како одговор на петицијата против ограничувањата за Вануну, кој пред три месеци беше ослободен од затвор каде што издржуваше казна од 18 години за предавство и шпионажа.

По одлуката, Вануну повоторно се жалеше дека израелските власти не постапуваат фер со него.

„Целиот свет може да го види вистинското лице на израелската правда и израелската демократија. Со оваа одлука на судот владата добива одобрување да не ги почитува човековите права, слободата на говорот, слободата на движење – основите на секоја демократија во светот. Она што го велиме цело време е дека Израел не е вистинска демократија и сега тоа го гледаме кај Врховниот суд на Израел. Тие ги следат наредбите на владата и од моја гледна точка, тоа е многу срамно за израелската демократија“, рече тој.

Вануну, кој бил стручњак во тајниот израелски нуклеарен објект Димона, повеќето Израелци го сметаат за предавник.

Многу негови сограѓани го презираат заради интервјуто што го дал во 1986-та година на лондонски Сандеј Тајмс во кое говори за нуклеарна постројка во пустината Негев на југот на земјата.

Врз основа на неговите информации, дел од странските експерти за оружје заклучија дека Израел произвел околу 300 атомски боеви глави и дека има капацитет да произведе повеќе.

Откако беше ослободен, Израел му забрани на Вануну да ја напушти земјата и да зборува за странски медиуми. Правниците велат дека против него може да биде поднесено обвинение дека го прекршил договорот за пуштање од затвор поради интервјуто со него што вчера го објави арапскиот весник Ал-Хајат со седиште во Лондон.

XS
SM
MD
LG