Линкови за пристапност

Даунер: Австралија нема да попушти пред терористичките закани - 2004-07-26


Групата која себеси се нарекува европски огранок на Ал-Каида се заканува дека Австралија ќе ја претвори во локви крв доколку оваа земја не ги повлече своите трупи од Ирак. Официјална Канбера за заканата која беше упатена и до Италија кажа дека е резултат на одлуката на Филипините и Шпанија да ги повлечат своите трупи од коалиционите сили во Ирак.

Заканата беше објавена на Интернет, од организација која себеси се нарекува Исламистичка Тахид Група.

Австралиската влада вели дека има многу малку информации за групата, која вети дека ќе предизвика бран насилства доколку Австралија одбие да ги исполни нејзините барања.

Заканата можеби е и нечија несолена шега, но австралиските власти ја сфаќаат сериозно.

Во пораката се вели дека на Австралија и́ се заканува серија напади со автомобили бомби доколку земјата не го следи патот на Филипините и Шпанија и ги повлече своите војници од Ирак.

Официјална Канбера инсистира на тоа дека нема да биде заплашена и да ги повлече своите трупи. Австралискиот министер за надворешни работи, Александар Даунер ги обвини властите во Манила и Мадрид дека со одлуката да ги повлечат своите сили ги охрабриле радикалните групи. Господинот Даунер денеска изјави дека најлошото нешто што една влада може да стори е да попушти пред терористичките барања.

Опозиционите политичари во Австралија сметаат дека владата ги преувеличила нештата. Портпаролот на Работничката партија, Кевин Руд, вели дека владината реакција вознемирила мошне важен регионален сојузник на Австралија.

„Се чудам на слободата на господинот Даунер да и објави Трета светска војна на филипинската влада. Филипините во овој контекст се мошне важна земја. Ја имаме Џама Исламија, Абу Саеф и други терористички организации кои работат на Филипините или на други места во исламска Југоисточна Азија“, рече тој.

Манила одговори на австралиските обвинувања и еден владин претставник коментарите на господинот Даунер ги нарече „ограничени“.

Во обраќањето пред парламенрарците, филипинскиот претседател Глорија Аројо не изрази жалење за повлекувањето на силите за да се спаси филипинскиот возач на камиони Анџело де ла Круз. Него го киднапираа милитантите во Ирак, и се закануваа дека ќе го убијат доколку филипинските сили не се повлечат од земјата. По повлекувањето тој беше пуштен на слобода.

Што ќе се случи со австралискиот контингент во Ирак, што брои 850 војници, ќе биде клучно прашање за време на овогодишните национални избори. Главната опозициона партија во земјата вети дека ќе ги врати австралиските војници до Божиќ, а владата вели дека тие ќе останат во Ирак се́ додека е потребно.

XS
SM
MD
LG