Линкови за пристапност

Денеска започнува Националната конвенција на Демократската партија - 2004-07-26


Хеликоптери го облетуваат комплексот Флит Центар каде се одржува оваа, најобезбедена досега политичка конвенција во САД. Воена полиција под комплетна опрема и единици на специјалните сили патролираат не само околу Флит Центарот, туку и другите области во градското подрачје на Бостон.

Како дел од безбедносните мерки, демонстрантите што се собраа по повод конвенцијата ќе бидат изолирани во специјална оградена област во близина на Флит Центарот.

Сенаторот Кери нема да се појави на конвенцијата до доцна неделава, а според распоредот, денес ќе говорат поранешните претседатели Бил Клинтон и Џими Картер, како и Ал Гор, кандидатот за претседател на демократите од претходните избори во 2000.

Како израз на надежите на Демократската партија дека Џон Кери може да ги привлече гласовите на голем процент припадници на малцинствата на ноемвриските избори, денеска на говорницата ќе излезат и клучни законодавци од латино-американско и афро-американско потекло.

Вчера, на предизборен митинг во Охајо, федералната држава во која на победата на демократите на ноемвриските избори се гледа како на круцијална за добивање на претседателската функција, сенаторот Кери се задржа на економијата и други прашања.

„Кога ги гледам луѓето од другата страна на политичкиот спектрум кои бараат уште четири години, се прашувам – уште четири години од што? Уште четири години губење работни места, уште четири години растечки дефицит, уште четири години губење на сојузниците во светот?“, рече тој.

Во интервју за ТВ мрежата Еј-Би-Си, демократскиот потпретседателски кандидат, сенаторот Џон Едвардс, ја критикуваше, како кажа, политиката на поделби во Америка, и кажа дека гласачите ќе се загреат за господинот Кери, како што се приближуваат изборите.

„Тие треба да го видат Џон Кери што јас го гледам. Најголем дел од луѓето едноставно не го знаат добро“, истакна потпретседателскиот кандидат.

Меѓу мноштвото истражувања на јавното мислење, Асошиејтед Прес во испитувањето за демократските делегати на конвенцијата наведува дека економијата, работните места и здравствената заштита водат се нивните главни грижи.

Друго истражување, на весникот Њујорк Тајмс и ТВ мрежата Си-Би-Ес, покажа дека девет од десет демократски делегати веруваат оти САД не требало да влезат во војната во Ирак.

Како што е познато, сенаторот Кери ја поддржа воената акција во Ирак, но затоа силно го критикуваше начинот на кој администрацијата на Буш ја водеше војната и се справуваше со повоените случувања.

И додека Демократите ја започнуваат својата конвенција, претседателот Буш останува на својот ранч во Крафорд, Тексас, каде се среќава со главните советници на неговата кампања за реизбор. Тој планира да се врати во Вашингтон кон крајот на неделава.

XS
SM
MD
LG