Линкови за пристапност

Продолжуваат меѓупартиските битки во Конгресот околу достигнувањата во однос на клучните законски проекти - 2004-07-23


Додека Конгресот се подготвува за летниот одмор, демократите и републиканците разменуваат меѓусебни обвинувања за тоа колку е направено во однос на клучните законски цели. Иако е нормално за законодавците да го сумираат она што го сметаат за нивни достигнувања, вербалните битки околу домашните прашања и надворешната политика и нивото на партиска поделеност овој пат достигнаа нови размери.

Демократите велат дека пристапот на републиканците бил да не се презема ништо во однос на легислативата, создавајќи листа на она што тие го нарекуваат неуспех на мнозинската партија во однос на клучните делови од легислативата.

Републиканците одговараат со листа на она што тие велат дека се нивни најголеми достигнувања, од кои за наважно го сметаат обезбедување на повеќе извори за заштита од идни терористички напади.

Тие прават се за да ја истакнат нивната клучна изборна порака: дека претседателот Буш со помош од републиканците кои го контролираат Конгресот е одговорен за да осигура поголема безбедност за Американците од терористичките закани.

Ова е спикерот на Претставничкиот дом Денис Хастерт: „Направивме огромен напредок, благодарение на раководната улога на претседателот Буш и на некои од овие луѓе кои стојат зад мене. Ние започнавме битка со терористите во Авганистан и Ирак. Ја зајакнавме нашата домашна безбедност. Го зајакнавме анти-терористичките закони со Патриотскиот акт„, вели тој.

Сепак, два од законите на сенаторот Кристофер Кокс поврзани со безбедноста беа осудени на неуспех како резултат на партиските несогласувања, додека републиканците и демократите продолжуваат со генералните дискусии во однос на војната против тероризмот.

Демократите се чини не ги гледаат работите на ист начин. Конгресменот Стени Хојер, кој е втор по ранг демократ во Претставничкиот дом, вака ги коментираше достигнувањата на републиканците.

„Републиканците се обидуваат да избегаат од градот откако не успејаа да постигнат резултати по ниедно од критични прашања со кои се соочува земјата“, смета Хојер.

Оваа инертност по клучните прашања демократите ја припишуваат на она што го нарекуваат внатрепартиски препукување кај републиканците, додека републиканците ги обвинуваат демократите за опструкција.

Претставничкиот дом усови неколку предлог-закони за апропријации. Но Сенатот не беше толку ефикасен и многу од предлог-законите ќе почекаат додека обата дома се вратат од одморите, во септември.

Претставничкиот дом и Сенатот ги усвоија клучните договори за слободна трговија со Австралија и Мароко и буџетот за одбрана од 418 милијарди долари, вклучувајќи ги и фондовите за Ирак и Авганистан за итни случаи.

Претседателот Буш го потпиша законот познат како Проектот биолошки штит, чија цел е зајакнување на здравствената заштита против потенцијален биолошки тероризам.

Во меѓувреме, демократите продолжуваат да ги истакнуваат американските жртви во Ирак, чиј број сега изнесува над 900, во дискусиите со републиканците за значењето на конечниот извештај на независната комисија која ги истражуваше терористичките напади од 11 септември 2001 година.

Републиканскиот конгресмен Портер Гос, кој претседава со Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом, кој исто така вели дека претседателот Буш е заслужен за поголемата безбедност на Американците, сепак истакнува:

„Ние научивме некои важни лекции и победуваме во војната против тероризмот. Ние сем безбедни, но не доволно“, рече тој.

Конгресот ќе има шест недели на располагање за да ги анализира извештајот на Комисијата за 11 септември, пред да се врати на работа на почетокот на септември. Потоа законодавците ќе имаат уште неколку недели да ја завршат работата по преостанатите законски предлози, пред да започне одморот како подготовка за ноемвриските конгресни и претседателски избори.

XS
SM
MD
LG